Пушењето цигари во иднина би можело да биде дозволено исклучиво во приватни клубови со ограничен пристап, доколку биде прифатен амандманот на Предлог-законот за заштита од пушењето, кој моментално се разгледува во Собранието.
Според предложените измени, пушењето би било дозволено само во правни лица регистрирани како приватни клубови, во кои ќе можат да влегуваат исклучиво регистрирани членови што доброволно плаќаат членарина. Овие простории нема да бидат отворени за пошироката јавност.
Сепак, експертската група што учествувала во подготовката на законското решение не го поддржува ваквиот предлог. Според нивната оценка, дозволувањето пушење во вакви клубови нема значително да придонесе за намалување на бројот на пушачи, ниту пак ќе има посакуван ефект во превенцијата, особено кај младата популација.
Во меѓувреме, министерот за здравство во заминување, Азир Алиу, изјави дека очекува Законот за заштита од пушењето да биде усвоен во текот на следните две недели, по што ќе започне неговата примена.












