Општина Прилеп продолжува со активностите за воспоставување современ и ефикасен систем за селекција на комуналниот отпад преку проектот „Регионално управување со цврст отпад“, реализиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион, со поддршка на „Салар Интернационал“.
Во рамки на кампањата за вклучување на граѓаните во селекцијата на отпад, за само осум дена 286 домаќинства од Прилеп се приклучиле во системот, при што се доделени вкупно 576 бесплатни канти.
Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп упатуваат повик до сите граѓани кои сè уште не се вклучиле, да го искористат правото на две бесплатни канти за селекција. За добивање на кантите потребно е носителот на сметката да приложи лична карта и една сметка за комунални услуги, по што се потпишува договор и се преземаат кантите.
Домаќинствата добиваат:
- Жолта канта – наменета за сув отпад кој може да се рециклира (пластична амбалажа, хартија и картон, метална амбалажа и друга чиста амбалажа за рециклирање).
- Зелена канта – за влажен и мешан комунален отпад (остатоци од храна, лушпи од овошје и зеленчук, талог од кафе, нечиста хартија, марамчиња, пелени и друг отпад кој не може да се рециклира).
Од ЈКП „Комуналец“ информираат дека амбалажата пред да се стави во жолтата канта треба да биде испразнета, а по можност и исплакната и сплескана за да зафаќа помалку простор.
Во кантите не се одлагаат градежен шут, текстил, стаклена амбалажа, опасен отпад, електронска опрема и батерии. За стаклен отпад низ градот се поставени 48 иглу-контејнери, додека електронскиот отпад и текстилот граѓаните можат да ги достават на собирното место на улица „Трајко Николоски“ бб, пред Стопанскиот двор на „Комуналец“.
Со правилната селекција, како што посочуваат од претпријатието, се намалува количината на отпад што завршува на депонија, се зголемува можноста за рециклирање и повторна употреба на материјалите и се придонесува за почиста и поздрава животна средина.
ЈКП „Комуналец“ – Прилеп од 2008 година работи на унапредување на системот за управување со отпадот, а досега во домаќинствата се поставени околу 24.000 канти за селекција. Во изминатите години се реализирани и активности за селектирано собирање на отпад, едукација на граѓани и ученици, како и соработка со институции и компании за рециклирање.
„Секој отпад има свое место. Селектирај денес – зачувај за утре“, порачаа од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
…













