Двајца пациенти заразени со западнонилска треска се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување на Клиниката за инфективни болести, информираше директорот на клиниката, д-р Фадил Цана.
Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години, од вкупно седум лица кај кои досега е потврдена инфекцијата со вирусот Западен Нил. Според лекарите, нивната состојба се влошила по приемот во болница и по проценка на медицинскиот тим биле поставени на респираторна поддршка.
Дополнително, за уште тројца пациенти кои се примени со симптоми на акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, се очекуваат резултати од лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје.
Сите потврдени случаи се од подрачја во Скопје, а само еден од пациентите имал патување во Грција. Тројцата за кои се вршат дополнителни испитувања, исто така, се од главниот град.
Д-р Цана посочи дека повеќето пациенти се постари од 60 години и имаат повеќе хронични заболувања, што ги става во групата со поголем ризик од развој на потешка форма на болеста.
„Оваа возрасна група е изложена на најтешката инвазивна форма на вирусот. Останатите пациенти се стабилни и се лекуваат според современи медицински протоколи“, изјави Цана.
Тој објасни дека кај западнонилската треска може да дојде до нагло влошување на состојбата и кај пациенти кои првично се примени во постабилна состојба, поради што е потребно постојано следење и медицински надзор.
За ова вирусно заболување не постои специфичен лек, туку терапијата е насочена кон ублажување на симптомите и обезбедување поддршка на организмот, согласно медицинските протоколи.
Од Клиниката за инфективни болести апелираат граѓаните да ги следат препораките од здравствените власти, особено за заштита од комарци, кои се главни преносители на вирусот.
…













