Голем шумски пожар беснее во јужна Албанија, принудувајќи ги властите да евакуираат околу 15 семејства од селото Рибан, во регионот Малакстер. Покрај жителите, од загрозеното подрачје биле евакуирани и нивниот добиток и домашните миленици.
Огнената стихија брзо се проширила поради екстремно високите температури, сувата вегетација и силниот ветер, при што пламените јазици опасно се приближиле до куќите. Жителите ги напуштале своите домови во последен момент, носејќи ги најнеопходните работи и животните.
Во справувањето со пожарот се ангажирани пожарникари, припадници на Силите за брза интервенција (ФНСХ), полицијата и службите за цивилна заштита. Од воздух, во гаснењето учествуваат хеликоптер на Министерството за одбрана и авион „Канадер“, кои се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење.
Според првичните информации, пожарот зафатил голема површина и предизвикал значителна штета врз вегетацијата. Надлежните служби и понатаму остануваат на терен во обид целосно да ја стават огнената стихија под контрола.
Албанските власти деновиве повторно предупредуваат на зголемен ризик од шумски пожари поради продолжениот топлотен бран и сушните временски услови, апелирајќи до граѓаните да бидат внимателни и да не преземаат активности што би можеле да предизвикаат нови пожари.
..











