Високите температури предизвикале колапс кај возач кој додека управувал со возило изгубил свест, по што удрил во друго возило.
Повредениот пациент бил пренесен и примен на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, каде што поради здобиените повреди бил и опериран.
Случајот го потврди директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, кој информираше дека во изминатиот период е забележан зголемен број пациенти повредени во сообраќајни незгоди.
Меѓу нив, како што посочи, има и околу пет мотоциклисти кои се здобиле со тешки повреди.
„Имавме и пациент кој учествувал во сообраќајна незгода откако поради високите температури колабирал, изгубил свест и удрил во друго возило. И тој пациент беше опериран“, изјави Мерџановски.
Според него, ова лето се регистрираат повеќе случаи на колапси кои се поврзуваат со високите температури.
Тој упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни во периодите кога температурите се највисоки, да избегнуваат патување во најтоплиот дел од денот и редовно да внесуваат доволно течности.
Препораките особено се однесуваат на лицата кои мораат подолго време да престојуваат или да работат на отворено, но и на возачите, бидејќи изложеноста на високи температури може да предизвика влошување на здравствената состојба и ненадеен колапс.











