Пет македонски семејства досега побарале помош и асистенција при евакуација од подрачјата во Грција зафатени со големи шумски пожари, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од МНР посочуваат дека, во координација со грчките надлежни институции, семејствата биле упатени кон најблиските безбедни точки предвидени за евакуација. Таму биле згрижени заедно со останатите туристи кои биле погодени од пожарите.
Министерството повторно апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони и имаат потреба од помош да се обратат на дежурниот телефон на МНР +389 75 268 736 или преку електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk.
Помош може да се побара и преку дежурните телефони на Конзулатот на Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Од МНР ги повикуваат македонските граѓани кои се наоѓаат во регионите погодени од пожарите внимателно да ја следат состојбата и доследно да ги почитуваат упатствата и препораките на локалните надлежни служби.
Министерството останува во координација со грчките власти и ги следи состојбите на терен, со цел навремено да се реагира доколку македонски државјани побараат дополнителна помош.
…












