Двоспратен автобус со српски регистарски таблички, кој превезувал 84 патници, рано утрово излетал од автопатот „Тракија“ во Бугарија. Според досегашните информации, во несреќата нема повредени.
Инцидентот се случил околу 5 часот наутро, на околу 150 километри од Софија. Автобусот, во сопственост на туристичката агенција „Go2travelling“, превезувал српски државјани кои се враќале од одмор во Кушадаси, Турција.
Од засега непознати причини, возилото ја пробило заштитната ограда и излетало надвор од коловозот, но не се превртело.
„Автобусот ја пробил заштитната ограда и излетал покрај патот, но не се превртел“, соопштила бугарската полиција за српскиот медиум N1.
Сите патници безбедно го напуштиле автобусот. Според медиумските информации, најголем дел од патниците биле млади луѓе.
Причините и околностите под кои дошло до несреќата засега се истражуваат.
…












