Масовна тепачка избувнала по полноќ во Спуж, Црна Гора, за време на концертот на „Амадеус бенд“, кој се одржувал во рамки на манифестацијата „Спушко лето“. Во инцидентот бил нападнат и полициски службеник кој во моментот бил на службена задача.
Црногорската полиција по инцидентот ги уапсила Б.И. (42) и И.И. (36), двајцата од Даниловград, поради учество во нарушувањето на јавниот ред и мир.
Според соопштението на Управата на полицијата, инцидентот се случил по полноќ на платото под мостот на реката Зета во Спуж, општина Даниловград, каде што се одржувал концертот во рамките на „Спушко лето“.
На самиот крај на јавната приредба најпрво дошло до вербална расправија меѓу повеќе лица, која за кратко време прераснала во физичка пресметка.
Во текот на тепачката бил нападнат и службеник на Станицата за криминалистичка полиција при Одделението за безбедност Даниловград, кој во тој момент извршувал службена задача.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа поголема група луѓе вмешани во инцидентот, како и полициски службеници кои интервенираат и се обидуваат да ги раздвојат учесниците и да ја стават ситуацијата под контрола.
Полициските службеници кои биле ангажирани за обезбедување на концертот, според Управата на полицијата, за кратко време успеале да воспостават стабилен јавен ред и мир.
Потоа повеќе лица биле однесени во службените простории, каде што од нив биле собрани информации и изјави за околностите под кои се случил инцидентот.
За целиот случај бил информиран и државниот обвинител во Основното државно обвинителство во Подгорица.
Обвинителот, по запознавањето со случајот, оценил дека во постапките на учесниците нема елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност, туку дека постојат елементи на прекршок.
Поради сторени прекршоци согласно член 11 од Законот за јавен ред и мир, полицијата ги уапсила Б.И. (42) и И.И. (36), двајцата жители на Даниловград.
Против нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Од Управата на полицијата соопштија дека двајцата во текот на денот ќе бидат спроведени пред Судот за прекршоци во Подгорица.
Инцидентот се случил на самиот крај од концертот на „Амадеус бенд“, а снимките од масовната тепачка и полициската интервенција за кратко време почнаа да се шират на социјалните мрежи.












