Рускиот пратеник Алексеј Журављов повика на употреба на тактичко нуклеарно оружје против Украина со цел земјата да биде принудена да капитулира.
Журављов, кој е прв заменик-претседател на Комитетот за одбрана во руската Државна дума, оцени дека во Русија воопшто не треба да се води расправа околу можноста за употреба на вакво оружје.
„Доколку е неопходно, должни сме да го употребиме. Ако треба да удриме – ќе удриме“, изјави Журављов, додавајќи дека нападот треба да го принуди противникот да капитулира.
Неговата изјава беше објавена во видео што брзо се прошири на социјалните мрежи, предизвикувајќи нова загриженост поради можноста за дополнителна ескалација на војната во Украина.
Журављов и претходно беше познат по своите остри и милитантни ставови. Во 2022 година изјави дека Русија може прва да употреби нуклеарно оружје доколку биде загрозено постоењето на државата.
Сепак, неговата најнова изјава претставува личен став на пратеник и не значи дека руското политичко или воено раководство донело одлука за нуклеарен напад.
Според информациите пренесени од “„Москоу тајмс“” (https://ru.themoscowtimes.com/2026/08/30/miobyazani-deputat-gosdumi-prizval-ispolzovat-takticheskoe-yadernoe-oruzhie-chtobi-zastavit-ukrainu-kapitulirovat-a204722), засега нема конкретни знаци дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува да нареди употреба на нуклеарно оружје. На таков чекор остро се спротивставуваат и дел од партнерите на Москва, меѓу кои и Кина.
Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии и сè почести предупредувања дека продолжувањето на војната би можело да доведе до опасна ескалација.












