Генералното собрание на Обединетите нации изгласа резолуција со која се поддржува воведување нова карта на светот, која попрецизно ја прикажува реалната релативна големина на државите и континентите.
Резолуцијата „Correct the Map“, предложена од членките на Африканската унија заедно со Бахамите, беше усвоена со убедливо мнозинство. За неа гласаа 164 држави, една беше против, а шест земји беа воздржани – Естонија, Грузија, Литванија, Молдавија, Србија и Украина. Единствено против гласаа Соединетите Американски Држави.
Целта е да се овозможи поправеден и попрецизен визуелен приказ на светот, особено на Африка, која на досега најчесто користените карти изгледа значително помала отколку што е во реалноста.
Зошто е спорна досегашната карта?
Многу современи карти се базираат на Меркаторовата проекција, која во 1569 година ја создал европскиот картограф Герард Меркатор. Иако оваа проекција е особено корисна за навигација, таа значително ги искривува површините на земјите, особено оние што се наоѓаат подалеку од екваторот.
Така, на Меркаторовата карта Гренланд изгледа приближно колку Африка, а во некои прикази дури изгледа поголем од Јужна Америка.
Во реалноста, Гренланд е приближно со големина на Демократска Република Конго, додека Африка е околу 14 пати поголема од Гренланд.
Критичарите велат дека ваквото визуелно искривување со децении влијаело врз начинот на кој луѓето ја перципираат големината и значењето на различни региони во светот.
„Equal Earth“ треба да ја промени сликата
Со резолуцијата се предлага користење на проекцијата Equal Earth, создадена во 2018 година, која има за цел попрецизно да ги прикаже релативните површини на континентите и државите.
На оваа карта Африка изгледа значително поголема, додека Европа и Гренланд се прикажани во многу пореални пропорции. Бразил, исто така, зазема значително поголем простор во споредба со неговиот приказ на Меркаторовата проекција.
Во резолуцијата се оценува дека досегашните визуелни искривувања придонесуваат за потценување на Африка, Латинска Америка и Јужна Азија и создаваат неурамнотежена слика за светот.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Франција ќе се откаже од Меркаторовата проекција и ќе премине кон карти кои попрецизно ја прикажуваат површината на државите.
„Искривувањата со текот на времето стануваат дел од перцепцијата“, порача Баро, оценувајќи дека е време тие да бидат исправени.
Иницијативата беше покрената од Африканската унија, која во март ја усвои картата Equal Earth. Во април, Того во име на Африканската унија ги повика земјите членки на ОН да го прифатат новиот пристап.
Промената би можела да има влијание и врз дигиталните картографски платформи. Google Maps, на пример, и понатаму користи варијанта на Меркаторовата проекција, а во резолуцијата технолошките компании се повикуваат да соработуваат со државите и регионалните организации за воведување попрецизни картографски прикази.
…












