Рускиот генерал-полковник Сергеј Милчаков, кој командувал со руски сили во операциите во регионот на Доњецк, наводно загинал во украински напад врз руски воен штаб во окупираниот дел на Доњецк кон крајот на август.
Информацијата ја објави независниот руски портал „Важни истории“, повикувајќи се на достапни информации за рускиот воен функционер.
Милчаков претходно командувал со една од формациите на руските сили и, според објавените информации, учествувал во воените операции кои довеле до заземање на Авдијивка и други населени места во регионот на Доњецк.

По нападот, неколку руски воени блогери и канали блиски до руските власти објавиле дека загинал воен функционер, кого го опишале како „Херој на Русија“, но без да го наведат неговото име.
Потоа се појавиле различни информации за идентитетот на загинатиот. Некои руски канали на Телеграм објавиле дека станува збор за Алексеј Милчаков, командант на саботажно-јуришната група „Русич“.
Сепак, според „Важни истории“, можно е да дошло до забуна и до замена на идентитетот, односно загинатиот да бил генерал-полковник Сергеј Милчаков.
Неговата смрт засега не е официјално потврдена од руските власти, па информацијата треба да се земе со резерва.
Доколку биде потврдена, Милчаков би бил 23-тиот руски генерал за кого е објавено дека загинал во текот на војната во Украина.
…












