По повеќе од три години судски процес, денеска во Хаг ќе биде изречена првостепената пресуда за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, четворица поранешни високи функционери и команданти на ОВК.
Седницата е закажана за 10 часот и ќе биде јавна, а изрекувањето на пресудата ќе може да се следи онлајн на албански, англиски и српски јазик.
Предметот пред Специјализираните совети на Косово во Хаг се однесува на наводни воени злосторства и злосторства против човештвото, за кои обвинението тврди дека биле извршени во периодот од март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации на Косово, како и во Кукус и Чахан во северна Албанија.

Што им става на товар обвинителството?
Тачи, Весељи, Селими и Красниќи се обвинети за шест точки поврзани со злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нехумани дела, мачење, убиство и присилно исчезнување.
Во обвинението се опфатени и четири воени злосторства: незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, мачење и убиство.
Обвинителството тврди дека жртви биле стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите. Според обвинителите, четворицата обвинети имале индивидуална кривична одговорност и, како високи членови на Главниот штаб на ОВК, имале знаење за случувањата и различни форми на влијание и контрола.
Обвинителството побара вкупна затворска казна од 45 години.
Одбраната ги отфрла обвиненијата и бара ослободителни пресуди, со став дека обвинителството не успеало да ја докаже индивидуалната одговорност на обвинетите.
Сведочеле 134 лица
Судењето започна на 3 април 2023 година, а доказната постапка беше завршена во декември 2025 година. Завршните зборови беа одржани во февруари 2026 година.
Во текот на процесот сведочеле вкупно 134 лица. Од нив, 125 биле повикани од обвинителството, двајца од застапниците на жртвите, а седум од одбраната. Во предметот биле презентирани и илјадници материјални докази.
Пресудата требаше да биде изречена порано, но судскиот совет го продолжи рокот поради обемот на доказите и сложеноста на предметот.
Зголемено внимание во Косово
Одлуката се очекува со големо внимание во Косово и регионот. Во Приштина и на други места се најавени собири во пресрет на пресудата, додека се преземаат и безбедносни мерки.
Во Косово се одржуваат и собири на поддршка за Тачи и останатите обвинети, а одлуката на судот се очекува да предизвика реакции во различни делови од регионот.
Јавната седница ќе се пренесува онлајн со десетминутно одложување.
Тачи е обвинет и во друг предмет
Против Хашим Тачи се води и одделен судски предмет поврзан со наводно попречување на правдата и влијание врз сведоци.
Денешната пресуда, сепак, се однесува на главниот предмет за наводните воени злосторства и злосторства против човештвото.
Станува збор за првостепена одлука, што значи дека страните имаат можност да ја оспорат пресудата преку жалбена постапка.
…












