Безживотно тело било пронајдено денеска на Шар Планина, на надморска височина поголема од 2.500 метри, потврдија од СВР Тетово.
Според првичните информации, граѓани го забележале телото и околу 14:30 часот го пријавиле случајот во полиција. Поради високата надморска височина и тешко пристапниот терен, во акцијата бил ангажиран полициски хеликоптер.
Околу 17:30 часот телото било пренесено од планината во Тетово.
Според неофицијалните информации што ги објавија медиумите, починатиот е планинар и алпинист на возраст од околу 70 години, по потекло од тетовското село Џепчиште. Неговиот идентитет и овие детали засега не се официјално потврдени од полицијата.
Во овој момент не се познати причините за смртта, ниту околностите под кои човекот се нашол на високопланинскиот терен.
Од СВР Тетово најавуваат дека повеќе официјални информации за случајот ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден, по завршувањето на потребните проверки и постапки.
Информацијата за пронаоѓањето и хеликоптерскиот транспорт на телото ја потврди и “Телма” (https://telma.com.mk/2026/09/20/bezzhivotno-telo-najdeno-na-shar-planina-so-helihopter-preneseno-do-tetovo/).












