Научници од САД утврдиле дека кај сите што прележале Ковид со благи симптоми се развил траен имунитет. Имено во студијата која ја спроведе Медицинскиот факултет при Унверзитетот во Вашингтон е утврдиле дека со месеци откако ќе се опорават од благата инфекција со ковид-19 луѓето сè уште имаат имуни клетки кои произведуваат антитела против коронавирусот.
Истражувачите откриле дека таквите клетки можат да опстанат во резерва и цел живот, произведувајќи антитела цело време, се наведува во студијата која е објавена во понеделникот во магазинот „Nature“.
Се сугерира дека благите случаи со коронавирусот ги оставаат пациентите со трајна заштита и дека повторени инфекции веројатно ќе бидат невообичаени.
„Минатата есен имаше извештаи дека антителата брзо опаѓаат по инфекција со вирусот кој предизвикува ковид-19, а водечките медиуми тоа го протолкуваа како да имунитетот не опстанува долго. Но тоа е погрешно толкување на податоците. Нормално е нивото на антитела да опаѓа по акутна инфекција, но не паѓа на нула, туку се одржува на одредено ниво“ – нагласува еден од авторите на студијата Али Елебеди, вонреден професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Вашингтон.
Истражувачите нашле клетки кои произведуваат антитела кај испитаниците 11 месеци по појавата на првите симптоми. Тие веруваат дека тие клетки ќе живеат и ќе создаваат антитела до крајот на човечкиот живот, а тоа е силен доказ за долготраен имунитет.
Во текот на вирусната инфекција, имунолошките клетки кои произведуваат антитела брзо се множат и циркулираат во крвта правејќи нивото на антитела да биде мошне високо. Но, еднаш кога инфекцијата ќе престане, повеќето такви клетки ќе изумрат, а нивото на антитела опаѓа.
Сепак, мал дел од тие клетки, кои се наречени долговечни плазма клетки, мигрираат во коскената срцевина и тука се населуваат. Во коскената срцевина овие клетки непрекинато лачат ниско ниво антитела во крвотокот како би се заштитиле од новата средба со вирусот.
Елебеди и неговите колеги тестирале 19 луѓе кои давале примероци од крв во интервали од три месеци, почнувајќи од месец дена по почетокот на инфекцијата. Повеќето имале благи симптоми, а шест учесници биле хоспитализирани.
Тие ја анализирале коскената срцевина на учесниците седум или осум месеци по почетокот на инфекцијата. Петмина од нив се вратиле по четири месеци и повторно дале примерок од срцевината. Научниците ги споредиле со примероци од 11 луѓе кои никогаш немале ковид-19.
Откриле дека нивото на антитела во крвта на пациентите кои прележале ковид брзо опаѓа во првите неколку месеци по инфекцијатa, а потоа се стабилизира, односно е на едно исто ниво.
„15 од 19 примероци на коскена срцевина на луѓе кои прележале ковид-19 содржеле клетки кои произведуваат антитела, особено целејќи на вирусот кој предизвикува ковид-19. Таквите клетки и натаму може да се пронајдат четири месеци подоцна кај пет луѓе кои се вратиле да дадат и втор примерок на коскена срцевина“ – велат истражувачите.
Од друга страна, ниеден од 11-те лица кои не прележале ковид-19 немале такви клетки во коскената срцевина.
„Овие клетки не се делат. Тие мируваат во коскената срцевина, и лачат антитела. Тоа го прават од крајот на инфекцијата и тоа ќе го прават во недоглед. Сè уште во целост не е јасно дали би имале ист резултат и при истражување кај пациенти кои го прележале умерен до тежок облик на ковид-19“ – тврди доктор Елебеди.