Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е најтранспарентна институција меѓу министерствата и Владата во 2026 година, покажува годишното рангирање на Центарот за граѓански комуникации според Индексот на активна транспарентност.
Истражувањето, објавено денеска, 28 септември, по повод Меѓународниот ден на универзалниот пристап до информации, опфаќа 102 институции – Владата, сите министерства и општините.
Просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините годинава изнесува 82 проценти, што е подобрување за два процентни поена во однос на минатогодишните 80 проценти.

Кај Владата и министерствата активната транспарентност достигнува 86 проценти, во споредба со 84 проценти во 2025 година. Општините, пак, имаат просек од 81 процент, наспроти 79 проценти лани.
Сепак, и покрај просечното подобрување, 41 процент од опфатените институции годинава имаат пониско ниво на активна транспарентност во споредба со претходната година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се искачи на првото место со максимални 100 проценти активна транспарентност. Со тоа, по пет години водство, Министерството за одбрана ја загуби лидерската позиција.
Кај општините, целосни 100 проценти активна транспарентност имаат Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип. Истражувањето покажува дека ниту една од општините што минатата година биле лидери не ја задржала истата позиција.
Источниот Регион четврта година по ред е на првото место меѓу регионите, со дополнително подобрување на резултатот – од 88 проценти минатата година на 91 процент во 2026 година.
На спротивниот крај од рангирањето се наоѓа Општина Лозово, која и годинава има најниска активна транспарентност меѓу сите опфатени институции, со 36,9 проценти.
Истражувањето покажува и дека финансиите остануваат област во која институциите објавуваат најмалку информации. Министерствата објавуваат 71 процент од предвидените информации, додека кај општините процентот е уште понизок и изнесува 64 проценти.
Дополнително, при тестирањето на одговорите на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, 32 проценти од институциите одговориле по истекот на законскиот рок или воопшто не одговориле на испратеното барање.
…












