Повеќе од 250 руски војници биле заробени во текот на третата фаза од украинската воена операција „Вивалди“, додека руските сили претрпеле загуби од околу 2.000 војници, тврди командантот на Третиот армиски корпус на украинската армија, бригадниот генерал Андриј Билецки.
Operation Vivaldi :
Over 250 ruSSian`Z captured as POW
The seasons are not over yet…
#Ukraine #UkraineruSSiaWar #ruSSia https://t.co/TiDpqWnQK6
— Kiborgz (@Kiborgzzz) September 28, 2026
Според неговите наводи, со завршувањето на третата фаза е направен значаен пресврт во операцијата, чија главна цел била населбата Нове, опишана како важен руски центар.

Билецки тврди дека украинските сили успеале да ја доведат во заблуда руската команда во однос на главната насока на нападот. Според него, руските сили очекувале офанзива долж линијата Шандрихолове – Зелена Долина, поради што ангажирале резерви и извршиле контранапад во тој дел од фронтот.
„Русите го преспаа вистинскиот напад“, изјави Билецки, додавајќи дека украинските сили во меѓувреме се насочиле кон Нове.
За пробивање на руските одбранбени позиции, Третиот армиски корпус, според украинската страна, користел модифицирани советски оклопни транспортери БТР-60 претворени во далечински управувани роботизирани возила.
Билецки тврди дека пробивот предизвикал нарушување на руската одбрана, по што цели единици почнале да се предаваат. Меѓу заробените, според неговите наводи, имало офицери, пилоти и припадници на артилериски единици.
Украинската страна објави и видео материјали за кои тврди дека го прикажуваат текот на операцијата и предавањето на руските војници.
Претходно и украинскиот претседател Володимир Зеленски извести за, како што ги опиша, значајните резултати на украинските сили во регионот Донецк во рамките на операцијата „Вивалди“, како и за активности на украинските воздухопловни сили во рамките на операцијата „Активна одбрана“.
Руското Министерство за одбрана засега не ги потврдило овие наводи за бројот на загинати и заробени руски војници.
…












