Багер што се користел при изградбата на новиот помошен стадион во Арачиново изгорел во текот на ноќта. Пожарот се случил само неколку дена по поставувањето на камен-темелникот, а градоначалникот Даут Беќири оцени дека станува збор за обид да се попречи проектот.
Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен денеска околу 02:36 часот на улицата „1“ во Арачиново. Опожарен бил багер од марката „волво“, во сопственост на лице од Батинци. Нема повредени, а пожарот го изгаснале екипите на скопската Противпожарна бригада.
Причината за пожарот засега не е официјално утврдена. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот. Градоначалникот Беќири, пак, смета дека палењето е насочено против изградбата на спортскиот објект и побара надлежните што побрзо да утврдат што се случило и кој е одговорен.
„Можат да се изгорат машини, но не може да се изгори волјата за градење“, порача Беќири. Тој уверува дека градежните работи ќе продолжат, проектот ќе биде завршен и ФК „Шкендија“ од Арачиново ќе добие сопствен терен за тренинг. Според него, инцидентот нема да ја поколеба општината во намерата да обезбеди подобри услови за спорт и за младите.
Камен-темелникот на помошниот стадион беше поставен минатата недела. Проектот опфаќа фудбалски терен и објект со соблекувални, а неговата вредност е околу 34,5 милиони денари, односно приближно 560.000 евра. Средствата за теренот и соблекувалните ги обезбедува Општина Арачиново.
При почетокот на изградбата, Беќири најави дека, ако работите се одвиваат според планот и дозволат временските услови, помошниот стадион би можел да биде на располагање за два до три месеци. Тој е наменет првенствено за тренинзите на „Шкендија“.
Во Арачиново се планира и посебен проект за главен стадион со трибини, каде што клубот во иднина би можел да ги игра домашните натпревари. За него допрва треба да се обезбедат соодветни услови и поддршка. „Шкендија“ од Арачиново оваа сезона се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига.












