Една од најпознатите автомобилски легенди се враќа на сцената. Citroën го подготвува новиот 2CV, модел кој овојпат ќе добие целосно електричен погон и модерен изглед со јасни потсетувања на оригиналот.
Концептот ќе биде претставен на 11 октомври на Саемот за автомобили во Париз, додека сериската верзија се очекува да пристигне во 2028 година.
Од првите тизери може да се забележат неколку карактеристични детали инспирирани од легендарниот модел – ребрестата хауба, заоблените браници со полукружни LED светла, ретро рачките на вратите и специфично поставените трепкачи на C-столбот. На предниот дел ќе има и осветлено логото на Citroën со препознатливиот двоен шеврон.

Новиот 2CV ќе биде помал од C3 и треба да ја пополни празнината во понудата која остана по исчезнувањето на C1 и C2. Сепак, една од неговите најважни карактеристики би требало да биде цената.
Citroën претходно најави дека серискиот модел би можел да чини помалку од 15.000 евра пред субвенции. Со тоа, 2CV би станал најевтиниот автомобил во понудата на францускиот производител.
За разлика од него, Ami е поевтин, но поради законската класификација како тежок четирицикл не спаѓа во иста категорија со конвенционалните автомобили.
За новиот електричен 2CV се подготвува посебна механичка платформа, развиена со фокус на европските правила и барањата за производство на достапни електрични автомобили. Се очекува истата основа во иднина да биде искористена и за модел на Fiat.
На европскиот пазар Citroën ќе се соочи со сè поголема конкуренција во сегментот на поевтини електрични автомобили, каде веќе се присутни модели како Dacia Spring, Renault Twingo, Nissan Pixo и BYD Dolphin Surf.
Оригиналниот Citroën 2CV за првпат беше претставен во Париз во 1948 година. Моделот бил замислен како едноставен, практичен и издржлив автомобил кој може да се користи и на лоши патишта.
Производството траело цели 42 години, а до 1990 година биле произведени околу 5,1 милиони примероци.
Препознатливиот дизајн и специфичната суспензија со која 2CV стана познат останаа дел од неговиот идентитет во текот на целиот производствен период.
Покрај новиот 2CV, Citroën во Париз ќе прикаже и уште еден засега неименуван концепт. На изложбата ќе бидат присутни и C3 Aircross Marine Nationale Concept, Outdoor изданијата на Ami, C3 и C3 Aircross, серијата Collection, специјалниот C5 Aircross Emeraude, како и болидот GEN4 за Формула Е.
…











