Технолошките гиганти Мета и Мајкрософт воведоа сериозни ограничувања за интерното користење на Клод, моделот за вештачка интелигенција на Антропик, додека програмерите ги насочуваат кон сопствени алатки и други платформи.
Според „Ди Информејшн“, причината се сè повисоките трошоци за користење на надворешни модели. Компаниите сакаат да ја намалат зависноста од скапи претплати и пресметковни ресурси, особено во време кога вештачката интелигенција станува сè поголем дел од секојдневната работа на инженерите.
Во Мајкрософт, раководството на почетокот на годинава проценувало дека само интерната употреба на моделите на Антропик би можела да чини најмалку една милијарда долари годишно. Подоцна, оваа проекција била намалена за повеќе од една третина.

Компанијата вовела задолжителни буџети за користење на пресметковни токени во одделните сектори. Во облак-секторот и одделот за вештачка интелигенција, месечниот лимит за поединечни вработени бил намален од околу 100.000 на приближно 10.000 долари.
Мајкрософт и понатаму користи технологија на Антропик за одредени функции што им се достапни на корисниците преку Копајлот, но интерниот пристап на вработените е значително ограничен. Програмерите се насочуваат кон модели на ОпенАИ, како и кон сопствената инфраструктура на ГитХаб.
Слична промена се случува и во Мета. Бројот на инженери кои го користат Клод Код се намалил од околу 60.000 на приближно 30.000. Дел од намалувањето се поврзува со отпуштањата во компанијата, но дополнителна причина е интерната одлука тимовите во поголема мера да преминат на сопствени алатки.
Инженерите на Мета сега ги користат платформите МетаКод и Мјуз Код, кои се потпираат на интерни технологии и модели на компанијата. Мета претходно го користела Клод при развојот на својот потрошувачки агент Мјуз, но при официјалното претставување на производот се префрлила на сопствена технологија.
Во меѓувреме, и американското Министерство за одбрана престана со употребата на производите на Антропик. Одлуката уследи по спорот меѓу компанијата и американската администрација околу условите под кои Клод може да се користи во воени и безбедносни операции.
Претходно беше најавено дека производите на Антропик ќе бидат отстранети од системите на Пентагон, откако компанијата беше означена како ризик за националната безбедност во синџирот на снабдување.
Одлуките на Мета и Мајкрософт се уште еден показател дека големите технолошки компании се обидуваат да воспостават поголема контрола врз трошоците за користење на генеративната вештачка интелигенција, особено кога станува збор за масовна употреба од страна на илјадници програмери.
Веста позитивно се одразила и на берзата, при што акциите на Мета пораснале за околу два отсто, додека акциите на Мајкрософт забележале раст од околу 1,4 отсто.
…











