Директорот на затворот Идризово, Зоран Јовановски, најави дека до Министерството за правда ќе биде доставен предлог за амнестија или процентуално намалување на казните. Ќе се разгледуваат можности за намалување од 10, 15 или 20 проценти, со цел да се ублажи пренатрупаноста во установата.
Во изјава за „360 степени“, Јовановски посочи дека предлогот ќе содржи образложение за ефектите од ваквата мерка, по што надлежните ќе одлучуваат за натамошните чекори.
Според него, во последните три години бројот на осуденици во Идризово се зголемил за околу 200 лица. Тоа донело повисоки трошоци за храна, сместување, електрична енергија и вода, во услови кога цените растат, а буџетот на затворот се намалува.

Претходните мерки, меѓу кои амнестијата и ослободувањето од издржување казни за неплатени ковид-глоби, според директорот, дале само краткотрајни резултати.
Како подолгорочно решение, Јовановски предлага поголема примена на алтернативните мерки, вклучително општокорисна работа наместо затвор и условни осуди, кога се исполнети законските услови.
Идризово се соочува и со недостиг од вработени и финансиски средства, како и со бавно пополнување на испразнетите работни места. Недоволните просторни и кадровски услови, според Јовановски, ја ограничуваат ресоцијализацијата на осудениците.
Тој оценува дека мал број од нив се ресоцијализираат, додека поголемиот дел ја напуштаат установата без доволна подготовка за враќање во општеството.
Податоците на Управата за извршување на санкциите покажуваат дека на 7 септември годинава во Идризово биле присутни 1.296 осуденици, наспроти официјалниот капацитет од 1.187 лица. Со осудениците што биле на отсуство, во болница или во бегство, вкупниот број достигнувал 1.467.
…











