Општина Прилеп е добитник на „Municipal Circular Leadership Award 2026“, признание за општинско лидерство во циркуларната економија. Според градоначалникот Дејан Проданоски, меѓународното жири го избрало Прилеп за најуспешен во оваа категорија на ниво на Западен Балкан, во конкуренција од вкупно 63 апликации.
Проданоски посочи дека признанието, доделено на настан во Приштина, е потврда за резултатите од вложувањата во управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.
Според податоците што ги наведе, 49 проценти од граѓаните веќе селектираат отпад од пакување во своите домови.

„Тоа се илјадници домаќинства, илјадници лични одлуки и еден град што чекори кон почиста и поодржлива иднина“, истакна Проданоски.
Тој најави продолжување на работата на современа инфраструктура за секундарна селекција на отпад, со капацитет до 10 тони на час. Паралелно, се развива системот за собирање и раздвојување различни категории отпад и се подготвуваат решенија за компостирање и третман на градежниот шут.
Меѓу активностите ги наведе и рекултивацијата на постојната депонија и намалувањето на количините отпад што завршуваат на депонирање.
„Продолжуваме да ја развиваме циркуларната економија, затоа што отпадот не мора да биде крај на еден процес, туку почеток на нова вредност“, порача градоначалникот.
Проданоски нагласи дека наградата претставува мотив и обврска за дополнителни резултати. Тој упати благодарност до меѓународното жири и организаторите на Circular Economy Awards, Министерството за животна средина и просторно планирање, SALAR International, ЈКП „Комуналец“, партнерите и граѓаните на Прилеп.
…











