Подигнувањето на свеста за превенцијата и раното откривање на ракот на дојка беше во фокусот на настанот „Розов пулс за Битола – Да го славиме животот!“, кој вчеравечер се одржа во Офицерскиот дом во Битола.
Настанот, во организација на Советот за социјална заштита и Советот за женско претприемништво на Општина Битола, обедини граѓани, здравствени работници, психолози и здруженија. Преку позитивен и охрабрувачки пристап, присутните испратија заедничка порака за грижа, поддршка и солидарност со жените што се соочуваат со болеста.
Пред присутните се обрати градоначалникот Тони Коњановски, кој ја нагласи важноста за оваа тема да се зборува со надеж и со поддршка за жените.

„На еден ваков начин зборуваме за важноста на превенцијата, но не и за стравот, туку за животот, женската сила, надежта и заедништвото, потсетувајќи се дека грижата за сопственото здравје е чин на љубов кон себе“, истакна Коњановски.
Тој им се заблагодари на организаторите и порача дека Општина Битола дава безрезервна поддршка на ваквите настани.
Од собирот беше испратена порака дека Битола има заеднички пулс – пулс на грижа, поддршка, надеж и живот.
…











