Во Лариса, во грчкиот регион Тесалија, на 14 октомври беше свечено отворен батериски систем за складирање електрична енергија со моќност од 330 мегавати и капацитет од 790 мегават-часови.
Проектот е реализиран од компанијата „Метлен“ и групацијата „Караѕис“. Според инвеститорите, станува збор за најголемото самостојно батериско складиште во Источна Европа и едно од најголемите во Европската Унија.
Системот е наменет за поддршка на електричната мрежа и поефикасно искористување на производството од обновливи извори. Батериите овозможуваат електричната енергија да се складира и подоцна да се испорачува во мрежата, во зависност од потребите.

Според „Метлен“, инвестицијата треба да придонесе за поголема флексибилност и отпорност на енергетскиот систем, како и за посигурно снабдување.
Проектот е реализиран преку заедничка компанија, во која „Метлен“ има удел од 49 отсто, а „Караѕис“ од 51 отсто. „Метлен“ е задолжен за изградбата, работењето и одржувањето на системот.
Инвестицијата има кредитна поддршка од европскиот Механизам за закрепнување и отпорност, во рамките на програмата „Некст џенерејшн ЕУ“.











