Вкупно 152 пациенти побарале помош во шесте дежурни пунктови на Здравствениот дом Скопје во текот на ноќта. Покачениот крвен притисок бил најчеста причина за преглед, додека лекарите кај помладите пациенти забележуваат респираторни инфекции со симптоми што наликуваат на грип и ковид.
Околу една третина од прегледаните во дежурните амбуланти имале висок крвен притисок. Приближно 30 пациенти се пожалиле на болки во грлото, а останатите побарале лекарска помош поради главоболки и стомачни тегоби. Проблемите со притисокот најчесто ги мачат повозрасните.
Зголемен број пациенти има и во чекалните кај матичните лекари. Според нивните искуства, чести се акутните инфекции, кај кои подоцна се појавуваат и тегоби од долните дишни патишта. Кај дел од пациентите првично дадената терапија не ги дала очекуваните резултати, па биле упатени на дополнителни испитувања. Кај некои од нив бил потврден ковид.
Докторката Ангица Станоевска посочува дека клиничката слика кај дел од пациентите отвора сомнеж и за присуство на сезонски грип.
„Во однос на симптоматологијата, она што се случува во моментот и оваа недела, јас би казала дека возможно е инфлуенцата да ни е тука, односно грипот уште пред вакцините секогаш и така пристигнува нели во оваа сезона, затоа што имаме пациенти кај кои што клиничката слика многу наликува на инфлуенца и на грип“, изјави Станоевска.
Таа објаснува дека неколку пациенти повторно биле упатени на дијагностика и изолација, а резултатите сè уште се очекуваат. Дополнителните испитувања треба да покажат што ги предизвикува симптомите.
Според Станоевска, случаите со ковид и со симптоми на инфлуенца најчесто се среќаваат кај работоспособното население и децата на училишна возраст. Таа го поврзува тоа со големиот број блиски контакти во овие групи.
„Овие со ковид и со инфлуенца се баш она работоспособно население и се дечиња кои што се во школска возраст. Тоа е и очекувана популација, каде што контактите се навистина многу големи и близки“, вели докторката.
Повозрасните, според неа, засега поретко доаѓаат во чекалните поради симптоми на инфлуенца.
Во меѓувреме, се очекува почетокот на вакцинацијата против сезонски грип. Според најавата на министерот за здравство, имунизацијата треба да започне од среда. Во земјава се пристигнати 30.000 вакцини, а до вчера биле пријавени околу 25.000 лица.
Приоритет, според најавите, ќе имаат граѓаните со сериозна здравствена состојба и лицата постари од 65 години.











