Црна Гора мора да ги реши отворените билатерални прашања со Хрватска, иако тие формално не се дел од пристапните преговори со Европската Унија, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа нагласи дека за натамошен напредок е неопходна согласност од сите 27 земји членки.
Кос направи разлика меѓу исполнувањето на техничките услови во преговорите и обезбедувањето политичка поддршка од секоја членка на Унијата.
„Хрватска има свои интереси и отворено зборува за нив“, рече Кос, додавајќи дека е охрабрена од неодамнешните чекори на Подгорица и од дијалогот меѓу двете држави.

Според неа, Црна Гора е на добар пат да ги надмине спорните прашања.
„Тие не се дел од процесот на преговори, но поради сè што објаснив, тие мора да бидат решени“, истакна еврокомесарката.
Кос оцени дека потпишувањето на пристапниот договор до летото 2027 година е реална цел и ја изрази поддршката на Брисел за планот Црна Гора да стане 28-ма членка на ЕУ во 2028 година.
Таа го поздрави и прифаќањето на уставните измени поврзани со проверката на интегритетот на кандидатите за членови на владата. Според Кос, овој чекор ја доближува земјата до затворање на Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и основните права, а со тоа и до завршување на пристапните преговори.
Осврнувајќи се на критиките кон претседателот на црногорското Собрание, Андрија Мандиќ, Кос рече дека за парламентарното раководство одлучуваат пратениците. Истовремено, нагласи дека во Европската Унија нема место за величење воени злосторници и дека помирувањето и почитта кон жртвите се суштински европски вредности.
Во пресрет на самитот на Берлинскиот процес во Будва, еврокомесарката оцени дека напредокот на Црна Гора привлекува сè поголемо внимание кај европските лидери. Покрај регионалната соработка, во фокусот ќе биде и поддршката што ЕУ може да ја обезбеди за довршување на преговорите.
…











