Работниците со имигрантско потекло сочинуваат 27 проценти од вработените во Германија, а во неколку професии нивниот удел надминува половина, покажуваат податоците за 2025 година.
Најголем удел има меѓу готвачите, каде што 56 проценти од вработените се со имигрантско потекло. Во производството на храна нивниот удел е 55 проценти, а кај работниците што поставуваат подни облоги – 54 проценти. Над 50 проценти се и во поставувањето скелиња и преработката на месо.
Во професии што се соочуваат со недостиг од кадар, како професионалните возачи, хотелските услуги и негата, уделот изнесува 41, 40 и 33 проценти. Работодавците во негата предупредуваат дека стареењето на населението и заминувањето на домашните работници во пензија ќе ја зголемат потребата од нов кадар.

Податоците се од германскиот микропопис. Во категоријата лица со имигрантско потекло се вклучени оние што самите се доселиле во Германија, како и лицата чии двајца родители се доселиле во земјата по 1950 година.
Во 2024 година во Германија биле вработени рекордни 46,1 милион луѓе. Според наведените податоци, растот делумно бил поттикнат од доаѓањето странски работници, во услови на стареење на населението и недостиг од кадар.
Германија се обидува да привлече работници и од земји надвор од Европа, меѓу другото преку договори за полесен пристап до пазарот на труд. Истовремено, имиграцијата останува политички чувствителна тема, иако во повеќе сектори странските работници веќе имаат значајна улога.
…











