Европските оператори во 2025 година реализирале осум вселенски лансирања, додека компанијата „Спејс Икс“ на Илон Маск извела 170, наведува „Фајненшл тајмс“ во анализа за конкурентноста на европската вселенска индустрија.
Разликата го отвора прашањето колку Европа може самостојно да ги задоволи своите потреби во областа на сателитските комуникации, кои имаат сè поголемо значење за економијата, телекомуникациите и одбраната.
Според анализата, загриженоста во Брисел дополнително ја зголемиле ограничувањата на услугата „Старлинк“ во Украина. Се наведуваат и предупредувања од Вашингтон за можни противмерки доколку ЕУ го ограничи пристапот на американските сателитски оператори до европскиот пазар.

Европската Унија ја развива сопствената сателитска мрежа IRIS², со цел да ја зајакне технолошката независност и да обезбеди посигурни комуникации.
Сепак, европската индустрија се соочува со високи трошоци, ограничени производствени капацитети и потреба од дополнителни инвестиции.
„Фајненшл тајмс“ оценува дека намалувањето на зависноста од американските технологии ќе бара подобра координација меѓу европските држави, поголеми јавни и приватни вложувања и развој на поконкурентни домашни компании.
…











