Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, истакнувајќи дека празникот е симбол на македонската чест, непокор и национална гордост.
Во честитката тој потсети на основањето на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година, посочувајќи го овој настан како почеток на организираниот пат кон слободата, автономијата и независноста на македонскиот народ.
Проданоски нагласи дека револуционерниот дух, храброста и пожртвуваноста на претходните генерации се дел од историскиот пат што води преку Илинден и Крушевската Република до создавањето на современата македонска држава.

„Потсетник дека слободата се изборува со вера, истрајност и љубов кон татковината, а нејзиното зачувување и надградување е наша заедничка одговорност“, порача градоначалникот.
Тој повика на заедничко вложување во развојот на Прилеп и државата.
„Македонија е она што го имаме, она што ни е најважно. Заслужува да ја градиме, заслужува сите да вложуваме во неа со заеднички сили, за нашиот град и нашата држава да изгледаат уште поубаво“, истакна Проданоски.
..











