Младинската иницијатива „Gen Z regelt“ најави протести во триесетина германски градови за утре, 31 октомври. Дел од трговците превентивно ги обезбедуваат продавниците, иако полицијата засега нема информации за конкретни планови за насилство.
Младите бараат поголеми вложувања во образованието и психолошката поддршка, подостапни животни трошоци и поправедна распределба на товарот меѓу генерациите. Меѓу барањата се и заштита на граѓанските права и климата, како и противење на воведувањето воен рок.
Организаторите најавуваат мирни собири. Сепак, неодамнешните нереди во Франција ги поттикнале дел од германските трговци да преземат дополнителни мерки.

На трговската улица Кенигсалее во Дизелдорф се поставуваат заштитни конструкции и дрвени плочи пред луксузните продавници. Некои трговци размислуваат за затворање, отстранување на производите од излозите или празнење на објектите.
„Не знаеме што нè очекува. Ова е превенција“, изјавила Андреа Гројнер, претседателка на здружението на трговци на Кенигсалее.
Парфимерискиот синџир „Даглас“ најавил дека привремено ќе затвори 12 продавници во Германија, без да ги наведе локациите. Од компанијата посочиле дека одлуката е донесена врз основа на процена на ризикот и за заштита на вработените и купувачите.
Германското Сојузно министерство за внатрешни работи нема сознанија за конкретни повици на насилство. Берлинската полиција, пак, не пронашла докази за организирани планови за ограбување продавници.
На собирот кај Бранденбуршката порта се очекуваат околу 10.000 луѓе, а ризикот од судири е оценет како низок. Во Берлин ќе бидат распоредени дополнителни 1.500 полицајци, кои ќе бидат ангажирани и поради истовременото одбележување на Ноќта на вештерките.
Дополнителна неизвесност предизвикало повлекувањето на портпаролот на иницијативата. Тој навел дека поради различните групи вклучени во движењето повеќе не бил сигурен дека организаторите можат да гарантираат мирни протести.
Истражувачот Јанис Јулијан Грим од Слободниот универзитет во Берлин, сепак, оценува дека нереди со размери како во Франција се малку веројатни, посочувајќи ја помалку конфронтирачката протестна култура во Германија.
…











