Претежно облачно време со повремени врнежи од дожд се очекува во недела и понеделник. Според пренесената прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите на одделни места ќе бидат пообилни.
Во недела локално се очекуваат над 20 литри дожд на квадратен метар. Ќе дува слаб до умерен североисточен ветер. Утринските температури ќе се движат од 5 до 10 степени, а дневните од 11 до 16 степени.
Во понеделник ќе продолжи претежно облачното време со повремен дожд, а на одделни места количината на врнежи може да надмине 30 литри на квадратен метар. Ќе дува слаб до умерен североисточен ветер. Минималните температури ќе бидат од 4 до 10 степени, а максималните од 10 до 16 степени.












