Илијана Јотова е победничка на претседателските избори во Бугарија, покажуваат резултатите од паралелното пребројување на агенцијата „Алфа рисрч“, објавени вечерва од Бугарската национална телевизија (БНТ).
Според податоците од 100 отсто обработен примерок, Јотова освоила 57,4 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори, додека нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров добил 39,6 отсто.
Со тоа, Јотова остварила убедлива предност од 17,8 процентни поени и е на пат да стане првата жена избрана за претседател на Бугарија.
Заедно со Јотова, на изборите настапи кандидатот за потпретседател Кирил Влчев, додека кандидат за потпретседател на Ѓуров беше Георги Кандев.

Според истражувањето, три отсто од гласачите ја избрале опцијата „Не поддржувам никого“.
Изборната излезност до 20 часот изнесувала 29,1 отсто, односно на гласање излегле приближно 1,92 милиони граѓани.
Победата на Јотова ја најавија и претходно објавените излезни анкети, кои исто така покажаа нејзина предност пред Ѓуров.
Резултатите од паралелното пребројување се неофицијални, а конечната потврда се очекува од Централната изборна комисија на Бугарија.












