Управител на друштво за технички прегледи е осомничен дека во период од четири години присвоил околу 675.000 евра од јавни давачки наплатени при регистрација на возила, наместо да ги уплати на институциите на кои им припаѓале.
Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против М.Н., поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според пријавата, во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, осомничениот ги злоупотребувал овластувањата во друштвото и противправно присвојувал средства што граѓаните и компаниите ги плаќале за регистрација на моторни возила.
Финансиската полиција се сомнева дека на овој начин била прибавена противправна имотна корист од 41.518.042 денари, односно околу 675.000 евра.
Со неуплаќањето на средствата, според пријавата, биле оштетени општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Дополнително, осомничениот се товари дека во текот на 2022 и 2024 година извршил незаконски отпис на јавни давачки во износ од 17.090.623 денари.
Според Финансиската полиција, целта била да се прикријат неправилностите преку сметководствено намалување на долгот кон надлежните институции, со што во евиденцијата биле прикажувани помали обврски.
Кривичната пријава е доставена до тетовското Обвинителство за натамошно постапување.
…












