Европската комисија во Извештајот за напредокот за 2026 година ги издвојува развојот на обновливите извори, реформите на пазарот на електрична енергија и регионалните инфраструктурни проекти, посочи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Според податоците што ги објави министерката, обновливите извори учествуваат со 58,22 отсто во вкупната инсталирана моќност. Планирани се и 67 енергетски објекти со вкупна моќност од 4.416 мегавати.
Божиновска меѓу реформите ги издвои донесувањето на Законот за обновливи извори на енергија и ставањето во функција на пазарот за тргување со електрична енергија во текот на денот. Таа посочи и на новите мерки за енергетска ефикасност и справување со енергетската сиромаштија.
Во делот на инфраструктурата, министерката ги наведе проектите за гасно поврзување со Грција и Србија, повторното ставање во функција на продуктоводот Солун–Скопје и изградбата на 400-киловолтниот електроенергетски интерконектор со Албанија.
Божиновска порача дека реформите и инвестициите ќе продолжат со цел да се зголеми домашното производство на енергија, да се обезбеди посигурно снабдување и да се зајакне поврзаноста со соседните земји.

…












