Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавна набавка за ископ на јаловина, со која, според судот, на комбинатот му била нанесена штета од 178,37 милиони денари, односно приближно 2,9 милиони евра.
Првостепената пресуда денеска ја изрече судијата Горан Димовски од Основниот суд во Битола, во предметот поврзан со изборот на битолската компанија „Рудкоп“ за ископ на јаловина во рудникот „Брод-Гнеотино“.
Судот утврди дека при спроведувањето на јавната набавка во 2022 година биле направени незаконитости, поради кои скопската компанија „Гранит“ била отстранета од постапката, иако според обвинението ги исполнувала потребните услови и имала поповолна понуда.
Со тоа, според судското образложение, на „Рудкоп“ му било овозможено да го добие договорот, а РЕК „Битола“ претрпел значителна финансиска штета.
Шест условни казни и три ослободителни пресуди
Покрај Матевски, судот изрече условни казни и за тројца членови на Стручната комисија – Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски.
На секој од нив му е утврдена казна од една година затвор, која нема да биде извршена доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Условни казни добија и три вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје – Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска.
Ним им се утврдени казни од по осум месеци затвор, со рок на проверка од една и пол година.
Од обвинението беа ослободени Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки.
Судот оцени дека обвинителството не успеало да докаже дека тие го сториле кривичното дело што им се ставаше на товар.
РЕК „Битола“ оштетен за речиси три милиони евра
Според образложението на судот, Матевски и тројцата членови на Стручната комисија овозможиле компанијата „Рудкоп“ да стекне корист во висина на разликата меѓу понудените цени.
Судот утврди дека понудата на „Гранит“ била незаконски отфрлена, со што компанијата не добила можност да учествува во електронската аукција.
Како последица на таквото постапување, според пресудата, на РЕК „Битола“ му била предизвикана штета од точно 178.370.319 денари.
Судијата Димовски оцени дека Матевски и тројцата членови на Стручната комисија, како соизвршители, сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Замрзнати остануваат 3,5 милиони евра на „Рудкоп“
Судот одлучи да остане во сила и привремената мерка за замрзнување на околу 3,5 милиони евра на битолската компанија „Рудкоп“, чиј сопственик е Кирил Билјановски.
Средствата ќе останат замрзнати до правосилното завршување на кривичната постапка, освен доколку во меѓувреме не се појават околности што би наложиле измена на мерката.
Воедно, судот го упати оштетеното правно лице АД ЕСМ надоместувањето на утврдената штета да го бара преку граѓанска постапка.
Обвинението во предметот го застапуваше јавната обвинителка Оливера Нечаковска од Основното јавно обвинителство Битола.
Пресудата е првостепена и не е правосилна, што значи дека странките имаат право да ја оспорат пред повисок суд.
…












