Покраинскиот суд во Астурија донесе осудителна пресуда против лице што расистички го навредувало Килијан Мбапе на натпревар меѓу Реал Овиедо и Реал Мадрид, соопшти мадридскиот клуб.
Инцидентот се случил на 24 август 2025 година на стадионот „Карлос Тартиере“.
Осуден за кривично дело од омраза
На обвинетиот му е изречена затворска казна од 11 месеци за кривично дело од омраза, како и парична казна и дополнителни забрани за вршење одредени дејности.
Според соопштението на Реал Мадрид, извршувањето на затворската казна е условено: осудениот во следните две години не смее да посетува фудбалски стадиони на кои се одржуваат официјални спортски натпреварувања.
Реал учествувал како приватен тужител
Реал Мадрид во постапката настапувал како приватен тужител. Од клубот порачаа дека ќе продолжат со таквиот пристап и во други случаи на расистички навреди кон нивните фудбалери.
Клубот потсети дека претходно биле донесени кривични пресуди и за инциденти на стадионите „Местаља“, „Сон Моиш“, „Ваљекас“ и „Хосе Зориља“.
Од Реал ја потврдија определбата за борба против расизмот и отстранување на ваквото однесување од фудбалот и спортот.
…












