Фотонапонска централа со инсталирана моќност од 40 киловати е поставена во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Битола. Централата беше технички прегледана и предадена во рамките на проектот „Сончеви училишта“, кој со анекс на договорот ги опфаќа и ОУ „Даме Груев“ и објектот познат како Турското училиште, кој е дел од ОУ „Гоце Делчев“.
На техничкиот увид и примопредавањето присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски и претставници на изведувачот, општинската администрација и донаторот, Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан.
Коњановски истакна дека производството на струја од сонцето им овозможува на училиштата да ги намалат сметките за електрична енергија, а воедно придонесува за намалување на емисиите на штетни гасови.
Во првата фаза од проектот, реализирана во 2024 година, фотонапонски централи беа поставени во шест основни училишта: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во Кукуречани и „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица.
Според проценката на Општина Битола, централите поставени во првата фаза носат годишна заштеда од околу 15.000 евра. Заштедените средства може да се насочат кон подобрување на условите за настава и проекти според потребите на училиштата.
…












