Скопската декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија беше потпишана денеска на Првиот форум за енергетска дипломатија „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката“ во Скопје. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, порача дека жените треба да имаат поголема улога во поставувањето на приоритетите, водењето на преговорите и градењето партнерства.
„Не зборуваме само за застапеност, зборуваме за влијание“, рече Божиновска пред потпишувањето на декларацијата. Таа посочи дека учеството на повеќе жени во одлучувањето им носи на институциите дополнително знаење, искуство и различни гледишта.
Според министерката, декларацијата ја потврдува заедничката определба за енергетска безбедност, одржлива транзиција и поголема улога на жените во носењето одлуки. Со поддршка од Канцеларијата на Обединетите нации, УНДП и Економската комисија на ОН за Европа, мрежата на жени во енергетската дипломатија треба да овозможи соработка, менторство и професионален развој.
Божиновска оцени дека резултатите од декларацијата ќе се видат во иницијативите и партнерствата што ќе произлезат од неа, како и во можностите жените да учествуваат во преговорите за стратешки договори.
На форумот се разговара и за вложувањата во електроенергетската мрежа, потребни за повеќе енергија од сонце и ветер да стигнува до потрошувачите. Меѓу темите е и зеленото финансирање, односно како тоа може да им помогне на домаќинствата и малите компании да вложуваат во обновливи извори и енергетска ефикасност.
На форумот присуствуваат над 200 домашни и странски гости, меѓу кои владини претставници и претставници на меѓународни организации, финансиски институции, дипломатската заедница и приватниот сектор.
…












