Двајца вработени во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје биле физички нападнати од неколку лица на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Нападот се случил околу полноќ на 29 ноември, а случајот бил пријавен во СВР Скопје истиот ден во 16 часот, потврдиле од Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за А.М. (46) и неговиот колега Р.С. (30), двајцата од Скопје. Според полицијата, тие се здобиле со телесни повреди кои биле констатирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Наводи објавени на социјалните мрежи
Според информации објавени на социјалните мрежи, двајцата работници претходно ги завршиле работните задачи, земале храна и чекале автобус за да се вратат дома.
Во објавата се наведува и дека работниците се во тешка финансиска состојба, како и дека едниот од нив издржува осум деца со една плата.
На социјалните мрежи се тврди и дека напаѓачите се претставиле како членови на навивачката група „Комити“. Овие наводи засега не се потврдени од полицијата.
Од МВР не соопштуваат дали напаѓачите се идентификувани, дали има приведени лица или кои биле мотивите за нападот.
…












