Веројатно нема да има потреба редовно да се вакцинираме против корона еднаш во годината, како што многумина сега мислат, бидејќи со текот на годините природниот и колективен имунитет ќе биде доволен да ја сведе короната на мала настинка во светот, објаснува хрватскиот имунолог Златко Тробоњача од Медицинскиот факултет во Риека, пишува Индекс.
– Како што се очекуваше, дојдовме до високо заразниот делта-сој. Заразува голем број луѓе, помеѓу петмина и 10-мина, исто како сипаниците. Ова не е ништо неочекувано, имаме и релативно мал број вакцинирани луѓе (во Хрватска), па беше очекувано – рече Тробоњача во гостување во Студио 4 на ХТВ.
Хрватскиот имунолог ги повика Хрватите да се вакцинираат бидејќи вакцината помага да се спречи долг ковид и болничко лекување. На прашањето зошто има толку невакцинирани во неговата земја не знаеше да даде единствен одговор:
– Тоа вклучува многу фактори, погледнете ги источните земји, земјите од социјалистичкиот блок имаат помалку вакцинирани отколку на запад. Тоа е наследство на социјализмот, помала доверба во државите. Луѓето исто така не им веруваат на официјалните институции, но слушаат до паранаучни, ненаучни информации кои се шират по социјалните мрежи. Имате многу луѓе во болниците кои велат: „Ех, да бев вакциниран, ова немаше да ми се случи сега“-вели тој.
Третата доза штити 15 пати повеќе од тешки форми на ковид-19
Тој, исто така, посочува дека се надевал дека луѓето ќе бидат вакцинирани во неговата Хрватска во поголема мера во текот на летото, за да бидат подготвени за есен, но дека тоа уште не е така. Тој коментираше и за вакцинирањето со трета доза.
– Успешно штити. Израел започна со третата доза кон средината на јули, ги вклучи сите над 50-годишна возраст. Податоците што пристигнаа покажуваат дека зголемувањето на неутрализирачките антитела, дури десет пати, нѐ штити од инфекција 11 пати, а до 15 пати од тешки форми на болеста во споредба со втората доза. Секако дека третата доза е добра за заштита, мислам дека сите ранливи граѓани треба да се вакцинираат со третата доза – вели тој.
Меѓутоа Тробоњача посочи дека оние кои биле вакцинирани двапати и кои закрепнале од ковид-19 не мора да се вакцинираат со третата доза.
– Имаат многу добар имунитет и мислам дека ќе ги заштити барем една година – додава тој.
Дали тоа значи дека ќе треба да се вакцинираме секоја година?
– Зависи дали има епидемија или не. Не верувам дека ќе се вакцинираме против коронавирусот цело време, мислам дека порано или подоцна ќе стапиме во контакт и ќе создадеме соодветен имунитет. Тоа ќе нè заштити до одреден степен. Ќе имаме имунитет, кој ќе нè заштити од потешки форми. Верувам дека САРС-КоВ-2 на крајот ќе се претвори во некаква форма на настинка, што многу ретко води до некои посериозни компликации – вели тој.
Децата од 12 до 16 години треба да ги вакцинираме како во Америка
Ако претходно сте биле вакцинирани и сте во контакт со вирусот, може да очекувате благи симптоми. Што се однесува до вакцинирањето на децата, Тробоњача вели дека, на пример, САД препорачуваат да се вакцинираат деца на возраст од 12 до 16 години.
– Децата не страдаат најчесто од потешки форми на оваа болест, но тие учествуваат во преносот на вирусот кај населението. Не постојат главни причини зошто децата не треба да се вакцинираат или зошто децата треба да се вакцинираат. Одлуката е на властите што да прават – рече тој.
Краток ќе биде есенскиот бран на корона, најгусто во октомври
Тој очекува четвртиот бран да не биде долг, поради фактот што се шири брзо.
– За некои недели ќе биде многу интензивно, за жал, делта-сојот може да носи голем број тешки случаи и поголема смртност. Според новите податоци, делтата е повирулентна од британскиот сој. Во просек, предизвикува двојно повеќе хоспитализации кај невакцинираните. Очекувам бранот најмногу ќе се засили негде на почетокот или средината на октомври – заклучува Златко Тробоњажа.