Connect with us

Религија

Да ги симнеме планините на гордоста

Published

on

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба за празникот Усекновение на Чесниот Претеча, петок, 10 септември 2021 лето Спасителово

 Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Чесни отци,
Преподобни браќа монаси и сестри монахињи,
Благочестиви Христијани,

Му благодариме на Господа што и ова година Неговиот славен Пророк, Претеча и Крстител, Свети Јован, нè собра во оваа негова десетвековна Светиња, за да се поклониме на неговата чудотворна икона и на неговите пресвети мошти. Собрани сме да измолиме благодат и мир за душите наши и за светот во којшто живееме.

Зборовите со кои Свети Јован го подготвувал народот во Јорданската пустина за доаѓањето на Месијата, се подеднакво важни и актуелни и денес. Тој го обиколи, вели Евангелието, целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите; како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо!“  (Лука 3,6) Да обратиме поголемо внимание на зборовите: секоја планина и секој рид нека се снизат. На што би можело да се однесува ова? Секако, не на физичките планини коишто нè опкружуваат, ами на планините изградени од гордост во нашите срца. Гласот на оној кој вика во пустината и денес со истата сила нè повикува сите нас да ги снижиме планините на егоизмот и ритчињата на суетата и на гордоста, а тоа значи да се смириме пред Господа Бога, та да може Он, Словото Божјо, да се всели и да живее во нас.


Оние коишто со смирение го прифатиле повикот на Свети Јован и се потрудиле да ги срамнат планините на гревовното себељубие, се удостоиле да Го препознаат и да Го примат Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе (Јован 1,29). Планините и ридовите во срцето, создадени од гордоста, го прават човека бесчувствителен, егоист, осамен, несреќен. Затоа гордоста се нарекува мајка на сите гревови и на сите зла. Впрочем, поради гордоста се случил и првиот гревопад, кога нашите прародители во Едемската градина се возгордеале пред нивниот Татко небесен и така, први го издигнале ѕидот помеѓу човекот и неговиот Создател. Колку ли планини и ридови на човечката гордост се попречиле како непробојна преграда помеѓу Бога и човекот! Меѓутоа, невозможното за луѓето е возможно за Бога: од преголема љубов кон Своето создание, Синот Божји дојде на Земјата, за да го избави човекот од бедата во која самиот западнал. Со искупителната жртва на Богочовекот Христос, Кого аскетската рака на последниот старозаветен пророк, Свети Јован, Го покажа на сите како Јагне Божјо, Кое ги зема гревовите на светот, на сите луѓе им е предоставена можноста за спасение и за обожение. Но, потребна е аскеза од наша страна, покајание и подвиг за стекнување на смирение, подобно на Крстителот. Тогаш благиот Христос ќе ги исполни долините на нашето смирение со благодатта на Светиот Дух. Свети Јован, значи, нè повикува на смирение, да се смириме во нашите срца и души, за да можеме да се причестиме, да се соединиме со Христа Бога.

Животот на Свети Јован е едно непрестајно големо чудо од самото негово раѓање. Особено пленува и восхитува неговото чудесно смирение. Имено, смирението го направило пријател на Господа, пријател на Спасителот Христос, Кој за него ја искажа најголемата пофалба: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“ (Матеј 11,11). Сиот живот на Свети Јован беше едно огромно смирение. Впрочем, сè што правел, сета негова борба, неговиот животен подвиг бил заради Христа. Трогнуваат неговите зборови изречени за појавата на Спасителот во светот: „Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа моја радост се исполни. Тој треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 3,29-30) Кој е Тој? Христос, Младоженецот на Црквата, за Кого Свети Јован беше испратен, за да Го објави и да Го покаже. Затоа и рече: „Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној Кој иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган“ (Матеј 3,11). Односно, со животворна благодат, со несоздадените Божји енергии, преку кои се осветуваме и се присоединуваме со Бога.

Смирениот Свети Јован Му ги предал на Христа и своите ученици, без никаков приговор, без ни трошка посесивност. Во Евангелието читаме како Јовановите ученици, Андреј Првоповиканиот и Јован, на почетокот се сомневале дали Исус Назареецот е вистинскиот Месија, бидејќи им изгледал доста поразличен од нивниот учител. Свети Јован ги поттикнувал да одат со Христа, но тие биле исполнети со сомничавост. Затоа, Крстителот, знаејќи ги нивните помисли, ги испратил учениците кај Христа, за да Го запрашаат дали е Он Спасителот што треба да дојде на Земјата, или треба друг да чекаат. Тогаш Христос им одговорил: Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието (Матеј 11,4-5). Со ова, всушност, учениците на Свети Јован се увериле дека Господ Исус е ветениот и долгоочекуван Месија, па го послушале својот учител и Му се придружиле на Христа, Младоженецот на Црквата.

Пророштвото од пророк Исаија, искажано и од устата на Свети Јован во Евангелието, накрај гласи: нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо! Доколку се трудиме, значи, да се смируваме, во покајание и во молитва, со тих дух и добри дела, нашите тела ќе Го познаат Бога и ќе станат храмови на Светиот Дух. Тоа е, впрочем, Божјото предназначение за човекот – тој да стане храм на Троединиот Бог, преку Кого се спасува секое човечко битие.

Да го молиме овој голем Пророк, Претеча и Крстител, кој е неуморен во моленијата и постојано стои оддесно на Престолот Божји, застапувајќи се за целиот свет, за да ни даде благодатни сили, та да се смируваме во овие тешки времиња. Несомнено, денес живееме во една чудна и испревртена епоха. Гледаме како во Божјата Црква и меѓу православните Христијани се шират секакви влијанија од другите христијански и иноверни деноминации, коишто не се во согласие со духот и со етосот на Православието. Ваквите влијанија се шират особено преку сообраќајот на социјалните мрежи – виртуелен простор каде што луѓето просто се забораваат себеси, ги погазуваат своите принципи, етичките норми, па дури и својата човечност. Подложени на разни негативни, деструктивни и лажни проповедања, луѓето зависни од социјалните мрежи, релативизираат секаков авторитет, стануваат непокорни, се вообразуваат, сметајќи се себеси за компетентни да коментираат за сè и сешто, да проповедаат, да се прават водачи. Поради тоа во општеството веќе не постојат никакви авторитети, а се релативизираат дури и црковните авторитети, коишто се особено важни за спасението човечко. Свети Јован да ни ги просветли мислите и да ни ги отвори духовните очи, за да разбереме дека без послушание во Црквата не може да се живее. Црквата без епископи и без свештенство не може да суштествува. Сите ние во Црквата, како Тело Христово, сме едно, народ Божји, меѓутоа Бог поставил некои за пастири и учители, преку Светиот Дух ракоположил свештен клир без кој не може да функционира светотаинскиот живот. А денес, за жал, гледаме како голем број од Христијаните, со дрскост и без и најмал страв Божји, критикуваат свештеници, монаси, епископи… Таквите треба да знаат дека секој што застанува против и се осмелува да го критикува клирот на Црквата, кој е од Бога повикан и поставен на тоа место, тој истапува, всушност, против соборноста на Црквата и несвесно запаѓа во ереста на протестантизмот. Во Црквата, отсекогаш, уште од апостолско време, има едно правило кое вели дека не секој може да поучува и да проповеда во соборот на верните. За таа цел, епископите избирале одредени луѓе, на кои им било благословено јавно да поучуваат и да проповедаат. Па макар и некој да бил образован теолог, доколку епископот не го задолжел да зборува, тој не смеел да го прави тоа. Во нашево време, пак, гледаме како на интернет, низ социјалните мрежи, на тој огромен јавен простор, никнуваат разноразни самоповикани теолози, учители, проповедници, пророци и сл., коишто си земаат за право за сè да коментираат. Како да станува збор за директни Божји избраници и сезнајковци. Но, се разбира, сезнајковци меѓу луѓето нема. Господ е Единствен Кој сè знае и сè гледа и Тој сезнаен Бог наш нè поучи никого да не судиме, зашто со каков суд судиме со таков ќе ни се суди.

Некои од тие критикувачи на свештениот клир на Црквата се повикуваат на тоа дека тој и тој епископ или свештеник нешто згрешил, па затоа мораат јавно да го разобличат. Меѓутоа, не сме ние кои треба да судиме за нечија погрешка, бидејќи за клирот постои посебен црковен суд, кој единствен има надлежност да ги разгледува и да одлучува за таквите прашања. Свештеникот одговара пред својот епископ, а епископот одговара пред неговиот Свет Синод, односно пред соборноста на Црквата. Народот може да го напушти својот епископ само во случај тој да паднал во некоја ерес, но и за тоа најнапред треба да испита и потврди Светиот Синод. Само соборот на Црквата е меродавен да пресуди дали некој паднал во некоја ерес. Па така, гледате и самите во каква заблуда се сите тие самоповикани проповедници и „очистители“ на Црквата. Тие постојано манипулираат со свештените канони на Црквата, несоодветно расфрлајќи се со нив, а самите се покажуваат како најголеми рушители на тие канони, запаѓајќи во самоволие и протестантизам. Така го поткопуваат темелот на Светата Црква и стануваат виновни за голем грев. Затоа, ве замолувам, бидете посебно внимателни. Таквите самоволија и ереси се појавувале често пати низ историјата. Како еклатантни примери за тоа ги имаме богомилството на Исток и протестантизмот на Запад. Но, тие се присутни и во поново време, и тоа среде православните Христијани. Во Русија, на пример, кон крајот на 17 век се појавиле верници, кои под влијание на протестантизмот од Запад, застанале против духовенството на Црквата и затоа се наречени беспоповци. И до ден денес во Русија постојат неколку општини на беспоповци. Тие погрешно си мислат дека Црквата може да постои без епископи и без свештеници. Се разбира, тоа е невозможно, но гледајте до каде може да се заблуди човек. Денес, со лесниот достап до широката јавност преку социјалните мрежи, ваквите заблуди непречено наоѓаат простор за ширење и заразуваат бројни души.


Навистина живееме во едно тешко и збунувачко време. Затоа, да стоиме право во вистината, во верата и во правомислието, а ќе стоиме исправени само доколку ја надминеме сопствената гордост, доколку се научиме да се смируваме, да си кажеме на себеси: не, јас не сум повикан да судам, особено, пак, не некого од светиот клир на Црквата, туку сум повикан да се покајувам, да се поправам себеси, да го победувам стариот човек во мене, преку подвигот на смирението и на послушанието. Исто така, да кажеме дека има свештеници коишто се осмелуваат да зборуваат на секоја тема и ги повикуваат Христијаните да стануваат против својот епископ. Таквите нека знаат дека утре истите тие Христијани ќе станат и против нив. Има, за жал, и такви од клирот на Црквата, кои водени од страста на зависта, ги повикуваат нивните духовни чеда да пишуваат против одредени духовници. Тоа е многу страшна и жалосна појава во Црквата. Нема да зборувам за она што се случува со луѓето надвор од Црквата, бидејќи најголемата одговорност за злото во светот, за оладената љубов во светот, не е во другите, ами во нас, во луѓето од Црквата. Сетете се што вели Господ Христос за крајните времиња: Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади (Матеј 24,10-12). Кога, значи, љубовта ќе олади кај Христијаните тогаш ќе дојде крајот на светот. Сепак, ние знаеме дека Исус Христос е ист вчера и денес и во веки (Евр. 13,8) и Тој ќе остане наш Спасител до крајот на светот. Сите што во смирение ќе Го призиваат Неговото свето име, ќе бидат спасени, како што вели пророштвото на Исаија и сечесната уста на Свети Јован Крстител, дека секое тело ќе го види спасението Божјо.

Да му заблагодариме уште еднаш на милиот наш Свети Јован и да стоиме право, согласно повикот на Светиот Архангел Михаил, кој кога се случил падот на Сатанаил и на неговите ангели, на сета небесна војска, како Архистратиг ѝ извикал: да стоиме право, да стоиме со страв, да внимаваме! Така, секој Христијанин е должен да стои право, во послушание кон Црквата и во љубов едни кон други, не судејќи никого, туку смирувајќи се и просејќи ги молитвите од Свети Јован Крстител и од сите Светии, кои се, всушност, глас Божји кој вика во пустината. Пустината, пак, се нашите оладени срца, нашиот стар човек во нас, на кого му е потребен лекот на смирението. Светиот Апостол Павле советува да го отфрлиме од себе стариот човек, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновиме со духот на својот ум и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (сп. Ефес. 4,22-24). Ние како Христијани сме облечени во Христа и треба во сè да Го следиме Него, за да ја сочуваме облеката на крштението света и непорочна, итајќи кон светото обожение.

Свети Јован Крстител нека ни е напомош на сите! За многу години!

Извор: Бигорски манастир

Религија

Се подготвува ли пченица на Свети Архангел Михаил?

Published

on

Свети Архангел Михаил, кој се празнува во четврток на 21 ноември, е еден од најважните православни празници. За овој ден се поврзуваат бројни обичаи и верувања, но има и некои сомнежи, како на пример дали се подготвува пченица.

Свети Архангел Михаил, на кого му се посветува празникот Архангел, важи за жив светец, па многу верници сметаат дека за овој празник не се подготвува ропско жито. Дали е навистина така? Еве што напиша на оваа тема еден патријарх во својата книга „За да ни бидат појасни некои прашања од нашата вера“.

Зрното не се подготвува за светците кои починале, туку како што се моли свештеникот во самата молитва за осветување на јаслите, јаслите да се принесат на слава Божја, „во чест и спомен на светителот (изречена име на славата на семејството), и во спомен на оние кои загинаа во побожната вера“. Ова е најважниот дел од молитвата во кој се открива значењето на подготвувањето на јаслите за слава Христова. Крштението со славеничката погача и лулка се принесува заради Бога и во чест на крстениот светец како заштитник на семејството.

Варената пченица не е симбол на смртта, туку на животот на оние кои живееле и кои сега живеат во вера во Бога и нивната слава Христова. Вистина е и дека сите светци се живи, бидејќи во Бога никој не може да биде мртов – Бог е Бог на живите, а не на мртвите. Погрешната практика веројатно настанала поради фактот што житото се подготвува и за помен на починатите најблиски. Во двата случаи, житото претставува жртва на Бога и ја симболизира православната вера во општото воскресение. Оваа жртва му се принесува на Бога во името на светецот или покојникот чие име се споменува на тој ден, или на тој спомен. Дали зборуваме за светец кој живеел, а потоа се упокоил или никогаш не поминал низ биолошка смрт, како Архангел Михаил или Свети Илија, не прави никаква разлика во однос на жртвите што му се принесуваат на Бога (празнична торта, жито и вино). Варената пченица не е симбол на смртта, туку на животот на оние кои живееле и кои сега живеат во вера во Бога и нивната слава Христова. Вистина е и дека сите светци се живи, бидејќи во Бога никој не може да биде мртов – Бог е Бог на живите, а не на мртвите.

Погрешната практика веројатно настанала поради фактот што житото се подготвува и за помен на починатите најблиски. Во двата случаи, житото претставува жртва на Бога и ја симболизира православната вера во општото воскресение. Оваа жртва му се принесува на Бога во името на светецот или покојникот чие име се споменува на тој ден, или на тој спомен. Дали зборуваме за светец кој живеел, а потоа се упокоил или никогаш не поминал низ биолошка смрт, како Архангел Михаил или Свети Илија, не прави никаква разлика во однос на жртвите што му се принесуваат на Бога (празнична торта, жито и вино).

Continue Reading

Религија

Денес се празнуваат Преподобните маченици Галактион и Епистима

Published

on

Родени се во финикискиот град Едеса, обајцата од родители незнабошци. Мајка му на Галактион беше бездетна сè додека не се крсти. Потоа, таа го приведе кон верата и нејзиниот маж и го крсти и воспита како христијанин својот син Галактион. Кога стаса за женидба, неговата добра мајка Левкипија се упокои, а татко му го сврши за некоја девица Епистима. Галактион никако не сакаше да стапи во брак, па ја посоветува Епистима да се крсти, а потоа и истовремено со него да се замонаши. Се повлекоа на гората Пуплион, Галактион во машки, а Епистима во женски манастир. И секој од овие двајцата во својот манастир се покажа како вистинско светило. Први во подвигот, први во молитвата, во смирението и послушанието, први во љубовта. Од манастирот не излегуваа ниту се видоа еден со друг освен пред смртта. Настана луто гонење на христијаните и тие обајцата беа изведени на суд. Кога Галактион го биеја, Епистима плачеше. Тогаш и нејзе ја избија. Потоа, им ги отсекоа рацете, па нозете, а најпосле и главите. Нивните тела ги зеде Евтолиј и чесно ги закопа. Овој Евтолиј беше најнапред роб кај родителите на Епистима, а потоа монах заедно со Галактион. Тој го напиша житието на овие прекрасни Христови маченици, коишто пострадаа и примија небесни венци во 253 година.

Continue Reading

Религија

Следната недела е Св.Архангел Михаил: Празник на војводата на сите ангели, а ова се обичаите

Published

on

Православната црква и верниците на 21-ви ноември, го слават еден од најголемите христијански празници – Архангел Михаил или народски нарачен Арангеловден.

Овој светец е водец на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се јавувала и Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата.

По црквените преданија, ангелот Михаило прв стапил во борба со лошиот дух и во тоа име по црквено толкување означува „оној кој е како Бог“. 

Меѓу народот владее верување дека овој ангел ги посетува болните и ако застане кај ногата – не е на добро, а ако застане кај главата – болниот ќе оздрави.

Овој празник секогаш се слави на ист датум и во есен, затоа што кога на светците им се делеле улогите, Архангелот Михаил го добил есенското и зимско време – времето на потешкотии. Се верува дека во ова време тој лута облечен како просјак за да ги прекори неверниците и да им помогне на сиромашните.

Едно народно верување вели дека според временските услови на овој ден, може да се одреди каква ќе биде годината, времето на празникот ќе одреди какво ќе биде времето во текот на зимата и пролетта.

Дали денот ќе биде прославен со посна или мрсна трпеза, зависи од денот на кој се паѓа. Ако е во среда или петок, треба да биде посно. Оваа година е во сабота, па трпезата може да биде мрсна. Секогаш на трпезата треба да има пченица, во чест на мртвите, односно упокоените души на светците.

Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но, тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето, во ангелите гледаа богови, други, иако не ги сметаа за богови, ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор, којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и на александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март, ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Свети Дионисиј Ареопагит, ученик на светиот апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е Архистратигот Михаил. Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и извикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твоеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13-15). Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд, сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да нè помилува Бог и да нè спаси по молитвите на светиот Архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили.

Денес именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк