На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот.
А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи.
Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.
Тропар- Спаси ги, Господи, луѓето Твои, и благослови го наследството Твое, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој заштити го Твоето жителство.
Кондак- Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош Твоето оружје на мирот, непобедливата победа.
Во народните верувања, на денот кој се нарекува Крстовден, се смета дека сите молитви ќе се остварат.
Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.
Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.
На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.
Мерц предлага контроверзно решение: Замрзнатите руски средства можат да се употребат
На својот годишен говор пред Бундестагот, канцеларот Фридрих Мерц во средата не донесе добри вести за Германија. Според него, светот се наоѓа во „нова ера“ на длабоки геополитички превирања. Релациите со САД се фундаментално променети, Украина продолжува да страда под агресорска војна спротивна на меѓународното право, а германската економија е под притисок од трговски конфликти и „минати пропусти“ на домашен терен.
„Многу работи што порано беа извесни, веќе не се“, изјави Мерц, предупредувајќи дека глобалниот поредок е заменет со неред. „Германија не може да стои на страна и да гледа како светот се реорганизира. Не сме пиони на големите сили“, додаде тој, повикувајќи на активна улога на земјата во меѓународните случувања.
Фокусот на Мерц е јасен: Германија треба да биде двигател во барањето „праведен мир“ во Украина. По иницијатива на канцеларот, минатиот викенд и во понеделникот украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со преговарачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Берлин, за координации околу мировниот план.
„Во изминатите денови и часови, повеќе дипломатија од она што се случи во Берлин едноставно не е можно“, порача Мерц. Тој истакна дека Германија не само што снабдува оружје на Украина, туку ѝ дава и шанса на дипломатијата да успее.
Претстојниот самит на ЕУ во Брисел ќе биде следната голема сцена на европската политика. Мерц вели дека Германија, заедно со партнерите, треба да испрати јасен сигнал до Москва: замрзнатите руски средства во ЕУ ќе се искористат за финансирање на брзо завршување на војната, преку реконструкција на Украина и набавка на современо оружје.
Мнозинството од 27-те влади на ЕУ се за планот, кој предвидува издавање на обврзници од околу 90 милијарди евра, обезбедени со замрзнатите руски средства. Русија веќе реагираше со правни мерки против ваквиот потег, но шансите за одлука во Брисел се околу 50-50, оцени Мерц.
Со овој говор, канцеларот испрати силна порака: во време на глобална нестабилност, Германија мора да дејствува – или да ризикува да остане зад светските случувања.
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.