Шопската салата стана луксуз зимава. Краставиците имаат неверојатно висока цена, а и доматот, пиперот и младиот кромид исто така. Единствено по стара цена ќе може да го купите сирењето и маслото за јадење бидејќи овие производи имаат замрзната цена, велат граѓани и негодуваат дека секоја година јадат сè поскап и понеквалитетен зеленчук. Земјодлеците, пак, велат дека како што идат годините сè помалку ќе има зеленчук од домашно производство, а цената и квалитетот ќе ја утврдуваат цените на репроматеријалите и енергенсите кои се користат при одгледувањето.
Цената на краставиците во маркетите во земјава се движи од 239 до 279 денари за килограм, доматот има цена од 89 до 159 денари за килограм зависно од бојата, благата зелена пиперка се продава по цена од 139 до 265 денари килограм, црвената чини 32 денари парче, лутата, пак, исто така по парче има цена од 14 до 24 денари, а китка младиот кромид има цена од 23 до 26 денари.
Повисоки цени има и зелката кај која цената се движи од 39 до 75 денари зависно од тоа дали е стара или млада. Потоа компирот кој го има по цена од 34 денари до 43 денари за килограм стар или од 145 до 219 денари млад компир.
За разлика од овие цени податоците од земјоделскиот пазарен информативен систем кој се базира на цените на зелените пазари и пазарот на големо во земјава просечните цени на истите производи во јануари годинава споредено со истиот месец лани се далеку повисоки. На пример просечната цена на краставица во јануари била 117 денари и е поскапа за 28, 1 отсто ланската просечна цена која изнесувала 91,8 денари за килограм.
Граѓаните не се изненадени од новите цени на зеленчукот, но велат дека не можат да излезат на крај со платите.
– Сè поскапе и нормално беше да поскапи и зеленчукот и овошјето, независно дали е од увоз или домашно производство. Најверојатно и кај земјоделците пораснале трошоците, па ги продаваат своите производи поскапо. Тука доаѓаат и трговците кои пресметуваат маржи, даноци и слично, а цената расте. Додека дојде до трпезата краставицата стигна до 280 денари. Но сè е поскапено и на зелените пазари – вели скопјанка.
Земјоделците имаат свои пресметки при утврдувањето на цената на својот производ. Тие велат најмногу цената ја зголемуваат поскапените репроматеријали, без да се зголеми и цената на трудот.
– Ние како земјоделци ја очекувавме оваа состојба. Со години укажуваме дека не се само субвенциите потребни за развој на ранградинарството, дека е потребна стратегија на организирање на производството, откупот, утврдување на цените, но 30 години само нè слушаат и ништо не се презема. Се плашам дека како што одат годините нема да има домашно производство, зашто за нас е неисплатливо производството, а немаме ниту обнова на земјоделците. По некоја година, ако ништо не се преземе, мислам дека на пазарот ќе останат само големите производители, помалите нема да можат да се занимаваат со земјоделство – вели Ристо Велков, од синдикатот на земјоделски производители.
Според него, годинава е посебно скапа и за земјоделците.
– Поскапеа енергенсите (нафта, струја, дрво) и сите репроматеријали за производство. Кај дел од репроматеријалите поскапувањето оди и над 300 отсто. Најниско поскапување е 50 отсто. Еве да речеме за еден декар само за пластична фолија се потребни 1.000 евра, но и сè друго е поскапено, ѓубрива, семенски материјал, заштита, и огрев. Сето тоа, влегува во производните трошоци и формирањето на производната цена – вели тој.
Во однос на квалитетот на зеленчукот Велков вели дека домашното производство има стандарден квалитет, но увезениот зеленчук, малку се контролира во однос на квалитетот и содржината.
Според него, тешко дека во наредниот период ќе може да се произведува евтин зеленчук и затоа повторно апелира, државата да донесе соодветна стратегија.
Заради соработката со белоруски државни фирми под покровителство на Лукашенко, сопственикот на Марковски компани, Борче Марковски станал почесен конзул на Белорусија, со што има привилегии во Северна Македонија. Рекордерот во милионски тендери, зема тендери и од „Србија шуми“, а сега е под истрага.
„Не е тука“. Ваков одговор доби екипата на Радио Слободна Европа кога на 5 декември на адресата во Битола, каде се наоѓа фирмата „Марковски компани“, го побара сопственикот Борче Марковски.
Седиштетo на фирмата е во стан во центарот на Битола во кој не пречекаа двајца вработени. И покрај инсистирањето да се видиме со него сепак ни беше речено да оставиме само наш телефонски број.
До објавувањето на сторијата повик од Марковски не добивме.
„Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување.
Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата „Рударско енергетскиот комбинат – Битола“ (РЕК – Битола) и за пет години склучиле 66 договори кои чинат 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
За „сомнителни“ тендери за прв пат почнаа истраги и државното Обвинителство и Финансиската полиција.
Сопственикот Борче Марковски од 2016 година е и почесен конзул на Белорусија поради „добрите економски релации со оваа земја“.
Неговата фирма во Белорусија била претставена како соработник на државни компании кои пак се поврзуваат со претседателот Александар Лукашенко и се под санкции на САД, а во одреден период и на ЕУ.
Марковски има фирма и во Србија, и таму редовно добива тендери од „Србија шуми“.
Ликот на Марковски не може да го видите во медиумите и недостапен е за новинарите.
На денешен ден, 23 декември 1924 година, во Милано заврши животот на еден од најистакнатите македонски револуционери, Петар Чаулев. Роден во Охрид на 18 декември 1880 година, Чаулев беше учесник во Илинденското востание и познат како голем војвода, кој неуморно се бореше за слободата и правата на својот народ.
Трагедијата се случила додека Чаулев го пиел својот вермут во миланското бистро „Верцијере“. Со пет куршуми, револуционерот беше убиен, но причините за атентатот остануваат дел од темните страници на македонската историја.
Димитар Влахов, еден од неговите соборци, за весникот „Балкан“ напиша:
“Чаулев беше убиен затоа што сакаше чесно да му служи на својот народ. Чаулев беше убиен затоа што сакаше Македонската Револуционерна Организација да ги продолжи своите стари традиции.”
Со својата посветеност и љубов кон Македонија, Петар Чаулев остави неизбришлива трага во историјата. Нека му е вечна слава!
Војводата Груев го поминал целиот живот организирајќи го националноослободителното движење, па некои велат дека живееше за да загине за Македонија.
Војводата и учителот од Смилево опеан во народната песна „Низ Петлец идат трима војводи“ починал на денешен ден во борба на врвот Петлец кај беровско Русиново. Се вели дека Даме Груев живеел за умре за Македонија. Возвишуван е како апостол и волја на револуционерна Македонија.
Груев е еден од основачите на ВМРО во Солун во 1893 година, меѓу најистакнатите организатори и раководители.
Роден е на 19 јануари 1871 година. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп.
Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.
Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал.
На 2 август било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето.
По Востанието Даме останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на Организацијата. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), каде се залагал за централизирана Организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна Република.
По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година.
Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај Русиново. Населението од Русиново го погребало во дворот на црквата. Потоа неговото тело било пренесно во Смилево.
Во негова чест секоја година на местото на погибијата на Петлец се собираат македонски патриоти да му оддадат почест.