Пред големиот концерт закажан за 3-ти декември 2022 во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, членовите на ар-ен-би дуото ДНК како дел од својата рекламна кампања за големиот настан проследен со јубилеј – 20 години постоење, споделија снимено видео во кое голем дел познати лица од македонската естрада кажаа што мислат за нив, преку одговорот на прашањето: „Што прво ви паѓа на памет кога ќе се спомне ДНК?“
Познати спортисти, ТВ водители, музичари, пејачки и пејачи од Македонија и регионот преку своите одговори им испратија своевидна честитка за јубилејот и поддршка за работата и претстоечкиот концерт, а сето тоа спакувано во специјална видео-порака.
Видеото полно со честитки за јубилејот и дузина желби за многу среќа и успеси, од сите и тоа секој на свој начин. Сите освен еден…
Имено, меѓу сите ѕвезди во видеопораката и тој, Марко Маринковиќ попознат како Слаткаристика. Ионака познат по својот „мрсен“ вокабулар полн со „сочни пцости“ Слаткар и овој пат сакал да остане свој дури и во честитката, арно ама… По се’ изгледа се надминал себе си во „дозата сарказам во хуморот“, кој речиси никој, освен тој самиот не го сфатил онака како што го замислил!
Имено, на некогашниот рапер од Ново Лисиче, музички „лут ривал“ на ДНК, по се изгледа овој пат ривалитетот му надвладеал над желбата за добри намери. Или барем тоа така изгледа и звучи во неговата „игнорантска“ видео – честитка до ДНК!? Па, наместо од срце кажани убави зборови или барем протоколарни комплименти, излезе дека Слаткар им се „изнаруга“ со потсмев на Панчо Андреј.
„Као Македонец традиционалиста, за мојата ‘као конкуренција’, мислам се’ најлошо. Значи, не можам да ги смислам. Прво што ми текнуе е на оние ДНК анализи од оние крими-џими филмои. Иначееее… на друго ништо не ми текнува“ – порачал М.М. во видеото.
Дали Слаткар само сакаше да се „пошегува“ со Панчо и Андреј, па тоа испадна како што испадна, а јавноста „погрешно“ го протолкува или сепак во секоја шега има и половина вистина, проценете самите? Каква и да ви е Вам проценката, а на Слаткар намерата, сепак некако останува впечатокот дека… Таму каде што има чад има и оган!?