Македонија
Манастирот Трескавец, бисер на духовноста и архитектурата (Фотогалерија)
Бисер на архитектурата и духовноста, а како што на бисерите им прилега, сè е во нив и околу нив, вистинскиот сјај, достоинството и мирот. Накратко, ова е впечатокот за манастирот Трескавец кога ќе го посетите.
Композицијата на гранитните карпи што го опкружуваат просторот и духовноста што извира од манастирот го прави ова место исклучително за оние кои сакаат да слушнат приказни за неговиот средновековен живот, но и да уживаат во прекрасната глетка што оттука се пружа на околината.


Кога ќе се најдете горе, меѓу карпите под врвот Златоврв ќе почнете да се восхитувате на длабоката посветеност кон Бога, видена во неверојатни парчиња духовност и уметност, ставени во фреските, иконостасите, градбата на конаците на манастирот и црквата, убавината на околните, камени структури на ридовите и планините со прекрасна локација и прекрасен поглед.

Целиот простор околу манастирот има исклучителни природни вредности. Овие вредности според бројноста, манифестацијата и изразеноста на Златоврв претставуваат раритетна појава, која ги надминува и балканските граници. Затоа Златоврв – Маркови Кули е ставен на привремената листа на УНЕСКО во Париз за заштита на природното наследство.

Манастирот Трескавец се наоѓа само на десетина километри од градот Прилеп, на надморска височина од 1280 м. Тој е еден од најубавите манастири во Македонија значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија. Претставува сложен комплекс од градби изградени во различни временски периоди.

Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Црквата во својата основа има облик на еднокорабна градба, чија внатрешност е расчленета со пиластри на неколку травеи, а централниот дел е надвишен со купола. Живописот во црквата е од различни временски периоди. Најстарите фрески се од првата половина на 14 век, а има фрески и од 15 па сè до 19 век. Манастирската црква покрај големото богатство на фрески од различни временски периоди, содржи и вредни уметнички предмети. Внатрешниот амбиент на црквата е надополнет со икони – дело на непознати иконописци кои работеле во 17 и 18 век. Црквата однадвор, во моментов конзерваторски е заштитена и треба да се продолжи со проектот за внатрешна конзервација. Црквата, заедно со трпезаријата е на списокот на културни добра во опасност.

Манастирот има свои конаци и трпезарија. Конаците биле подигнати околу црквата во 19 век. Конаците се на два ката со проширени чардаци. Конаците биле опожарени колку што се знае, за прв пат во 1867 година, потоа вториот пат во 1990 година и последниот, пожарот кој се случи на 4-ти февруари 2013 година. Во овој пожар целосно изгореа источниот, северниот и западниот конак од манастирскиот комплекс. За манастирот Трескавец може да се каже дека до неодамна претставуваше најнепристапното и најскриеното светилиште во Македонија, затоа што до него можеше да се стигне само пеш по тесна, кривулеста патека која поминува покрај неверојатни карпи и различни карстни форми. После пожарот до манастирот се направи асфалтен пат, преку кој брзо и лесно се стигнува до него.

Во бројот 275 на „Порта 3“, од декември 2018 објавивме репортажа за обновата на манастирот. Кога го посетив манастирот, во ноември 2018 сè уште имаше многу активности околу реконструкцијата. Имаше повеќе работници кои работеа на обнова на конаците и црквата, а таму беше и сопственикот на белградската фирма „Кото инженеринг“, која ги изведува градежните работи. Оваа фирма има големо искуство во реставраторско-конзерваторските работи, особено во обнова на манастири, а соработува и со УНЕСКО и ЕУ. Работеле во повеќе земји од Европа и затоа беа одбрани да ги изведуваат работите во обновата на Трескавец.

Повторно го посетивме манастирот на 26 февруари оваа година, за да видиме до каде е стигнато со реконструкцијата на конаците и на манастирската црква „Успение на пресвета Богородица“. Освен отец Калист, кој е единствен станар во овој момент во манастирот и двајца планинари кои дошле пеш од Прилеп, во комплексот немаше никој. Отецот рече дека за неколку дена се очекува да дојдат повторно работниците од „Кото инженеринг“ и да продолжат со активностите.

После пожарот изработен е Основен проект за реконструкција на опожарените конаци на манастирот Трескавец, за кој Министерството за култура во тоа време издвоило 500.000 денари.
„Проектот е работен за да се врати автентичноста на самиот манастир, не она што луѓето го паметат пред пожарот, туку според автентична слика на конаците од најстарите фотографии. Најстарата фотографија е од 1846 година на која се сликани прилепските еснафи“, посочи монахот Калист.
Согласно проектот, изработен од стручните служби при НУ Завод и музеј Прилеп, предвидено е враќање на автентичниот изглед на конаците и изградба на параклис на југоисточната страна од манастирот. Во реконструкцијата на конаците се употребуваат современи градежни материјали отпорни на пожар, поставена е армиранобетонска конструкција како и секторско одвојување на конаците, со што при евентуален пожар би се спречило неговото пренесување во другите делови од манастирскиот комплекс.
Според Илија Ристески, раководител на проектот за реконструкција на опожарените конаци, работите, во согласност со планот и проектната документација, требало да завршат кон крајот на 2018 година. Меѓутоа, со оглед на специфичноста на работите и на самиот терен работите продолжија во 2019, а се работи и во оваа 2020 година. Во моментов завршени се конаците, вградена е дрвенаријата и покриен е кровот на конаците со камени плочи. Прозорците се заменети со нови, со дрвена рамка од 9 см и двојно нискоемисионо термоизолационо стакло исполнето со гас. Сменети се и вратите во собите на конаците. Ставени се нови од полно дрво. Подовите во собите се поплочени со керамички плочки, а во секоја соба направена е бања и камин. Вода сè уште нема, а не е направена ниту пречистителната станица за фекалните води, така што во догледно време санитариите не ќе може да се користат.

Во дворот на манастирот направена е нова камена чешма и од неа тече вода. Собите се со природна вентилација. Водејќи сметка за автентичноста на објектот, како и за неговиот архитектонски израз и изглед, како што пропишуваат конзерваторските услови, термоизолацијата е изведена од внатрешна страна на фасадните ѕидови, така што не е нарушена неговата концептуална автентичност и целина. При изведба на просториите во конаците водена е сметка за дополнителни мерки за заштита од пожар како и можност за појава на ладни мостови и проблеми врзани за дифузија на водена пареа.
Старите неимари граделе во склад со биоклиматските принципи, со специфични конструктивни решенија и материјализација, со правилно бирање на трајни локални градежни материјали, водејќи сметка за опкружувањето. Трајноста на употребените материјали се мери со стотици години, што сведочи за нивната одржливост.
Со реконструкцијата некои од оштетените ѕидови на конаците се преѕидани со камен и со автентичен материјал. Конаците се реконструирани со примена на индивидуални градежни мерки во склад со конзерваторските услови, трудејќи се да го задржат автентичниот изглед на објектите во целост (камените фасадни ѕидови, кровната конструкција и кровниот покривач).


Зачувувањето на објектот како автентичен споменик на културата, неговата првобитна функција или на места воведување на нова, со унапредувањето на комфорот во конаците кои се предмет на реконструкција и смалување на потрошувачката на енергија, се тежело кон воспоставување на модел на одржливост.
Автентичноста на комплексот е во поголем дел остварена со реконструкцијата во поглед на бирање на автентичен материјал, со потполно задржување на висината, формата на конаците и обликот на крововите. Со користењето на современи методи на градење, материјали и технологија, покрај користење на автентичните материјали, направен е обид да се унапреди целиот комплекс.

Улогата на реконструкцијата на опожарените конаци од манастирот Трескавец можеби е во тоа да ги залечи раните, да ги премости празнините предизвикани со изгубеното, но таа подеднакво мора да биде квалитетна, добро изведена и во духот на амбиентот, впрочем како и секој друг објект. Разликата е што реконструираните градби носат повеќе емоции со себе, од нив повеќе се очекува затоа што мора да застанат веднаш покрај претходната градба без да ја заменат на начин сите да заборават на неа.

Нашето наследство е дел од нас самите, треба со него внимателно да се однесуваме и да го пазиме. Нашата највредна врска со минатото всушност се нашите споменици и нашите вредни градби. Преку нив се враќаме во времето кога не сме постоеле, а нив ги оставаме на нашите наследници да се поврзат со нас и со нашите предци. Доколку дозволиме да се случи нешто со нашето неподвижно наследство, како ова со Трескавец, тогаш наша одговорност е да се исправат грешките на најдобар можен начин и да се потрудиме понатаму да продолжиме со внимание и почит кон него.






You may like
-
НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА
-
Коледарчињата пејат: Коледе леде….вечерва семејството се собира на вечера
-
Што фатил позлатил, што рекол се остварило: Се ближи Св. Никола – одбележете го правилно, тој ќе ви возврати
-
Небото се отвора во очи Митровден: Оној што ќе ја помине ноќта надвор од дома
-
За многу години: Денеска е Светиот апостол Јаков
-
После 6 години, 1200 ученици од Прилеп повторно го формираа македонското знаме
Македонија
Конгрес на ДУИ: Ахмети со нови барања
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Петтиот конгрес на партијата денеска изнесе сет клучни политички барања што, според него, треба да ја гарантираат стабилноста и функционалноста на државата. Во фокусот се избор на Влада со двојно мнозинство, уставни измени поврзани со одлучувањето во Уставниот суд и целосен ветинг на сите јавни функционери во последните три децении, под меѓународен надзор.
Промовирајќи го новиот „Национален договор за напредок“, Ахмети побара воведување на т.н. „извршен Бадентер“, според кој секој иден владин состав ќе мора да ја добие довербата не само од мнозинството пратеници во Собранието, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници.
Тој истакна дека унитарната држава може да биде стабилна само доколку се темели на доверба и лојалност меѓу сите заедници, нагласувајќи дека двојното мнозинство е механизам што обезбедува инклузивност и политичка рамнотежа.
Во делот на судството, Ахмети предложи законите донесени со Бадентеров принцип во Собранието да не можат да бидат поништени од Уставниот суд без истото двојно мнозинство меѓу уставните судии. Според него, потребни се уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници ќе се носат само со заемна согласност.
Покрај уставните промени, лидерот на ДУИ инсистираше и на темелно „прочистување“ на политичката сцена. Тој побара целосен ветинг за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години, вклучувајќи проверка на потеклото на имотот и процесите на приватизација, со јасен меѓународен надзор.
Македонија
Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13
Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.
Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.
Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.
Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.
Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.
Македонија
АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации
Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.
Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.
Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.
АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.
Трендинг
-
Црна Хроника4 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Република5 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Македонија4 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците
-
Црна Хроника3 days agoПолициска акција во Штип: Лишени од слобода неколку полицајци
-
Црна Хроника5 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Црна Хроника2 days agoТепачка пред казино во Тетовско
-
Црна Хроника4 days agoБрутален напад во Тетово: Маж претепан од четири лица на улица
-
Црна Хроника1 day agoИнцидент на „Маршал Тито“ во Тетово: Уапсен 18-годишник поради агресивно однесување кон полицијата















