Connect with us

Македонија

„Влезе мајка со двегодишно дете и запали!“ – Во Тетово се пуши насекаде, па и во болницата

Published

on

Во Тетово секаде се пушат цигари и не се почитува Законот за заштита од пушење. Непушачите се гушат од чадот на цигарите насекаде низ градот, од угостителски објекти, па сè до здравствени установи. За ваквата состојба, но и за значителните негативни ефекти и последици што ги има пушењето и загадувањето од пушење цигари, во разговор за МИА, алармира специјалистот по здравствена екологија и хигиена д-р Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје.

Постојано сум очевидец јас лично во угостителски објекти, а токму пред некој видов драстичен пример што ја отсликува состојбата. Жена со дете на отприлика две-три години дојде и влезе во делот за непушачи, но запали цигари. Иако ги опоменав во објектот ништо не се случи, иако локалот има и дел за пушење и дел за непушачи. Не се почитува Законот за заштита од пушење, особено последниве четири-пет години откако се направија некои популистички ретроградни мерки во однос на Законот за заштита од пушењето. Така што постојано сме сведоци дека во Тетово нема каде не се пуши, од угостителски објект, па сè до здравствени установи, изјави д-р Давидовски.

Тој смета дека Законот за заштита од пушењето од 2013 година на меѓународно ниво добивал пофалби во однос на тоа како државата се справува и како се спроведува. Сега, вели, законот како да не постои, особено во Тетово. Според него, главен проблем е што самото население не е совесно и не ја почитува насоката дека Законот е создаден да ги заштити тие што не пушат, а не дека има забрана за пушење.

Сведоци сме дека не се почитува Законот за заштита од пушењето, иако инспекциските органи си ја вршат својата работа. Не можам да кажам дека не ја вршат, меѓутоа има едно големо непочитување помеѓу населението. Кај угостителските објекти, профитот е главниот интерес, сопствениците не се заинтересирани премногу самите да го имплементираат тој Закон. За оваа област работам со децении, со оглед дека кога се донесе првпат ваков Закон во 1995 година, како инспектор сум бил задолжен за надзор на спроведувањето. Со голема страст пристапив кон тоа нешто, меѓутоа како врвеа годините тврдам дека се „разводнуваше” Законот, така што сега имаме една ретроградност, каде што де јуре имаме Закон, а де факто во пракса не се спроведува, посочува Давидовски.

Тој потсетува дека негативните ефекти и последиците по здравјето се огромни. Од цигарите нема никаква придобивка, туку само зависност која се јавува кај луѓето.

Давидовски укажува дека тутунот содржи 7.000 хемикалии, од кои докажано е дека 70 се канцерогени, како и дека никотинот не е канцероген, туку е отровен. Тој дава пример со тоа што вели дека една капка никотин може да убие куче.

Непушачите кога влегуваат во затворена просторија каде се пуши стануваат пасивни пушачи, што е и многу полошо, затоа што оние што пушат го имаат филтерот од цигарите, а непушачите го вдишуваат чадот без филтер. Ефектите по здравјето се страотни. Тука нема орган што не е нападнат од чадот од цигарите. Поради тие 70 канцерогени материи почнуваат проблемите – од обичен раздразнувачки ринит, па бронхит и до најголемата последица – карцином на белите дробови. Во пораст е во последно време, особено тука во Македонија. Го напаѓа кардиоваскуларниот систем, предизвикува мозочен удар, оштетување на кожата, предвремено стареење на кожата, така што нема бенефит. Има само зависност што претставува најнегативно нешто, има биолошка основа зависност од тутун, вели докторот.

Воедно потсетува дека од негативните ефекти од употреба на тутун е тоа што доведува до стерилитет, а и исто така дека доведува до забавување на развојот кај децата.

Тие, децата, се вунерабилни и многу се чувствителни. Луменот (отворот) на дишните патишта им е многу помал и полесно може да има иритација, инфламација, а со хронична инфламација хронично воспаление на белите дробови и крајно карцином на белите дробови. Често се зборува за загадување на воздухот со ПМ10, ПМ2,5 и тука поради пушењето мора да споменеме дека го имаме и внатрешното загадување на воздухот. На прво место од внатрешно загадување е чадот од цигарите, вели Давидовски.

Во Одделението за инспекциски надзор во Тетово при Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) побаравме податоци колку во текот на 2022 година од нивна страна се извршени контроли за да се открие дали се почитува Законот за заштита од пушењето, но доставија само периодични податоци за изминатите два и пол месеци.

Ве информираме дека за периодот од 1.10.2022 година до 9.12.2022 година од страна на Државниот пазарен инспекторат – Одделение Тетово, според Законот за заштита од пушењето се извршени вкупно 23 инспекциски надзори, издадени вкупно една опомена кај еден субјект и шест прекршочни платни налози со вкупна вредност од 4.300 евра, се наведува во одговорот од ДПИ – Одделение Тетово.

Според прекршочните одредби од Законот за заштита од пушењето и член 9. глоба во износ од 2.000 до 4.500 евра во денарска противвредност е предвидена за прекршок на правно лице ако постапи спротивно на членовите 3, 4, 5, 5-а, 6 и 7 од овој Закон, додека за прекршокот од ставот 1 на овој член на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност. Член 10 определува глоба во износ од 150 до 300 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице ако пуши во просторија каде што е забрането пушењето (член 2). За прекршокот од ставот 1 на овој член глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице и на самото место на прекршокот.

Македонија

СИТЕ МОЛЧАТ КОГА ЧЛЕНКА НА ЕУ ГИ НАПАЃА МОЈОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ – Мицкоски за двојните стандарди на ЕУ

Published

on

Mакедонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан во рамки на 61. Минхенска безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон Европската Унија.

-За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот, рекол премиерот Мицкоски.

Како што информира владината прес-служба, премиерот во обраќањето кажал дека промената на името не бил  единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.

-Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности, истакнал Мицкоски.

Претседателот на Владата посочил дека нашата држава има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител, а исто така го исполнивме условот 2 отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.

-Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членка на ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат, заклучил Мицкоски.

Во обраќањето тој порачал дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји и дека „овој процес ќе трае додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на Европската Унија“.

Continue Reading

Македонија

Демократското движење на Меџити се шири – формирана општинската организација во Сарај!

Published

on

Демократското движење продолжува со своето зајакнување, градејќи силна политичка алтернатива! Денес беше формирана Општинската организација во Сарај, уште еден значаен чекор во мисијата за промени и нова политичка енергија.

На настанот, кој привлече голем број поддржувачи и членови, за претседател на организацијата беше избран Мухамед Елмази, извршен директор на „Номагас“, докажан професионалец со визија и капацитет да го предводи движењето во оваа општина.

Демократското движење станува сè посилна политичка сила кај Албанците во Македонија, со јасна програма и тим посветен на транспарентно и праведно владеење. Партијата брзо ги проширува своите структури во сите населени места, покажувајќи дека е подготвена да донесе вистински промени.

Формирањето на организацијата во Сарај е уште еден показател дека Демократско движење гради моќна политичка алтернатива, подготвена да ја води државата кон подобра иднина.

Continue Reading

Македонија

„Ние сме гласот на Фросина“ – трет протест за правда во Скопје

Published

on

Голем број граѓани денес по трет пат излегоа на протест во Скопје, барајќи правда за Фросина Кулакова, која загина на пешачки премин, прегазена од возач без дозвола, кој бил под дејство на алкохол.

Протестот започна на булеварот „Партизански одреди“, каде 20-годишниот Васил Јованов, возејќи под дејство на алкохол и поминувајќи на црвено светло, ја усмрти Кулакова. Маршот продолжи кон Владата, Собранието и заврши пред Апелацискиот суд, каде демонстрантите носеа транспаренти со пораки како: „Ние сме гласот на Фросина“, „Валкани пари – смртни последици“ и „Доста со врски, време е за правда“.

На протестот учествуваше и семејството на Кулакова, како и роднини на други жртви од сообраќајни несреќи. Нивната порака беше јасна – системот мора да се промени.

„Протестираме за правда, но и за промена на системот. Не сакаме трагедијата на мојата сестра да се користи за политички поени“, изјави Росица Кулакова, сестра на починатата девојка.

Семејството ја повика Владата да ги сослуша нивните барања, а од пратениците побараа итни законски измени, со цел спречување на вакви трагедии во иднина.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк