Connect with us

Религија

Оваа е СИРНА НЕДЕЛА, седмицата пред Прочка – Ова се обичаите

Published

on

Имиња на празникот

Недела сиропусна – Седмицата пред Прочка се нарекува сирна недела, затоа што во тие денови не се јаде месо, туку се јадат млеко и јајца и продукти што ги содржат нив. Со месо се запостува претходната недела навечер, кога последно се јаде месо и потоа, дури на Велигден.

Бела недела – е затоа што во текот на целата седмица, дури и во среда и во петок, се јаде млеко и млечни производи во сите видови и производи со млеко и јајца.

Проштална недела или Недела на проштевањето – Седмицата завршува со неделата во која луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.

Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.

Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.

Датирање

Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Цел и смисла

Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“ (1. Кор. 13,7). Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4,8).

Ако, таква проштална љубов покажуваат христијаните на Прочка, тогаш се добри како светиите и праведниците, како Христос и Богородица. Проштевањето е безгранично и безусловно. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.

Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото. „Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20).

Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште денеска треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Утре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.

Чистењето и подготовката е како што чистиме и подготвуваме за доаѓањето на важен гостин кај нас, а тоа е приемот на Господа Исуса Христа преку светата Причест.

Богослужба

Богослужбено Прочка е посветена на првиот човек Адам – на оној што прв згреши. А првиот грев на човекот во светов е гревот со храна. Светот горко нека заплаче со оној што прв падна во грев поради слатката храна и отпадна од Бога, заедно со паднатите ангели.

Денеска, пред почетокот на Постост, се сеќаваме на тоа дека, поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го изгуби рајот. Поради јадењето на Адам, Христос постеше 40 дена. Сегашниов пост е запазување на она што Адам не го запази и повторно стекнување на она што тој го изгуби. Богослужбата ни кажува колку и е потребен постот на човечката природа, како средство за лекување.

Текстот од Евангелието на денешната Литургија говори за проштевањето, за постот и за богатството – за нивната смисла, за значењето и постапувањето (Матеј 6,14-21). Тоа е цела програма за Велигденскиот пост: да простиме – да постиме и душата да ја гостиме.

На Прочка попладне, за Вечерната богослужба, се прави едноцрквие, што значи сите свештеници и верници се собираат на заедничка богослужба во централниот – Соборниот храм, со цел, во домот Божји, по молитвата, секој секому да му пружи рака за покајание и прошка и христијански да се прегрнат. Со целивот на евангелската љубов да си ги простиме грешките, навредите, омразата, пакоста, измамата, непочитта и лошото што сме го сториле едни на други.

Да му простиш некому, па тоа е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовен херојство. Тоа е растоварување на двете души – и твојата и неговата, од голема тежина.

Традиција

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Секаде се одбележува овој празник меѓу македонскиот народ. Прочка, всушност, може да се нарече и наш празник, празник на македонскиот народ затоа што овој народ најмногу проштевал и проштева. Ние сме со духот на Прочка, со дух на проштевање. Кому сè не сме му простиле и што сè сме претрпеле и пак сме простиле.

Така сме правеле низ вековите, а така правиме и денес. Тоа е нашата евангелска определба. Таква е нашата душа. Таков е нашиот дух. Такво е нашето трпение и љубовта кон сите. Ваквиот христијански однос е вграден во нас, низ нашата вера и традиција. Така е воспитуван и така се воспитува македонскиот човек, усовршувајќи се во доброто.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Таа глетка е многу мила. Полнота на љубов и радост. Колку е благопријатно тоа чувство на проштевање и прегратка. Тоа ја облагородува душата и го поттикнува добродетелството. Тоа е рајска сцена и блажена состојба од душевната радост.

Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка. Двајцата се духовно радосни и весели. Бог се радува и ги благословува да останат во взаемната љубов и радост, правејќи си добро едни на други, со збор, помисла и дело.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Сите тие обичаи се добра семејна радост. Тоа го прави семејниот амбиент топол и мил. Другите, пак, забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни претстави (маски и карневали), немаат црковна или верска порака. Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување.

Тие го празнат човечкиот дух, а не го полнат. Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава. Убаво е и тоа и добра е таа традиција, ама не такваа каква што е, туку, ако претставува парада и промоција на нашата кутура, музика, уметност и вера.

Таа да биде јавен настап на улиците и плоштадите, со претставување на делата полни со мотиви од нашата вера и култура. Да се види тој израз во нашата преубава македонска носија, во уметничките ракотворби, во постигнатите дела, во преубавата песна и во нашето оро со народната инструменталност. Да биде тоа претстава на градската музика и облека, платформа за убавите костими и тоалети, подиум со делата на македонскиот гениј и сето исполнето со богатството на убавината.

Таквата полнота на амбиентот ја облагородува душата и го полни духот со убавина и со добрина. Ете, тоа ни треба и тоа е манифестација на Прочка. Тоа е што го издигнува човекот повисоко, а не што го валка и што го урива надолу. Тоа треба да претставуваат тие излегувања на Прочка пред очите на луѓето и пред очите на Бога.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

Како да простуваме

Простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“.

Простувањето е завршено кога сме преминале од простување во љубов. Тогаш вистински сме простиле или вистински ни простиле. Тоа не е лесно, а не е ни тешко, бидејќи љубовта прави чуда. Простувањето е дело на љубовта. Простувањето е слобода. Тоа ослободува. Силно е чувството на слобода што доаѓа со простувањето. Тоа е духовно миење, чистење на душата и ослободување од гревот со сите негови отрови.

Покајанието и простувањето значи менување на своето мислење и постапување. Кога ќе престанеш да мислиш како што си мислел претходно, кога ќе почнеш да говориш поинаку од претходното и кога ќе го правиш она што требало да го правиш – тогаш си се покајал и си простил.

Проштевањето е решеност повеќе да не се греши. Што, ако речеме: Ете, му простив и готово! Ми грешеше и ме навредуваше и сè ми правеше – и пак му простив, толку е, крај! Не, не. Тоа не е проштевање. Тоа е формалност. Гневот ти останал. Гревот те гризе. Ти не си се очистил, ниту него си го ослободил. Треба љубов да ви се всели во душата. А таа зрачи низ нашите мисли, зборови, чувства и дела.

Тие што не простуваат, не го разбирале Христа и Евангелието. Тие немаат право да се нарекуваат христијани, зашто не се христијани.

Кому да простуваме

На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост (Матеј 5,23-24).

Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.

Ако е до грешност и до казна, сите сме грешни и сите сме за казна. Но, Бог не нè повикал да судиме и да казнуваме, туку да простуваме. И поставила правило: Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им простуваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).

Колку да простуваме

Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог. Така ти си си наштетил себе си, а не нему.

Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.

Откако ќе си простиме и ќе се измириме, во мир ќе го почнеме постот. Така започнуваат и богослужбите, со повикот: – Во мир да се помолиме на Господа!

(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски)

Религија

Денес се Свети Козма и Дамјан: За да ве следи здравје цела година, се верува дека треба да го направите една работа

Published

on

Македонската православна црква и верниците на 14 ноември го слават празникот посветен на светите Козма и Дамјан, познати како Свети исцелители. Светите Козма и Дамјан биле врачи, т.е. лекари, бесребреници и чудотворци. Двајцата се браќа, родени во Азија и воспитувани во христијански дух.

Во црковниот календар, светите Козма и Дамјан, односно светите исцелители, не се напишани со црвени букви и постот не е задолжителен, а се празнуваат двапати годишно – на 14 јули кога почина Козма и на 14 ноември, кога почина Дамјан.

Се верува дека добиле дар од Бога да лекуваат луѓе, а бидејќи го добиле бесплатно, не наплатувале ни лекување на луѓето, поради што се вели дека биле без пари. Единственото нешто што го бараа за возврат од своите пациенти е да веруваат во Исус Христос или барем да не го изговараат залудно неговото име, дури и ако не сакаат да ја прифатат христијанската вера.

Светците се прикажани во икони и фрески во средновековна облека, со ковчези во кои носеле лекови.

Исто така, се верува дека не треба да се врши тешка физичка работа и дека не треба да се напушта домот освен ако е апсолутно неопходно. Според народното верување, утре е добар ден за молитва за исцелување:

Кон вас, свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјане, како кон брзи помошници и топли молитвеници за нашето спасение, ние недостојните (имињата), клекнувајќи на колена, прибегнуваме и припаѓајќи усрдно повикуваме: Не презирајте ги молењата од нас грешните, немоќните, кои паднавме во многу беззаконија, и кои во секој час и ден грешиме. Умолете Го Господа, да ни даде, нам недостојните Негови чеда, од Својата богата милост: избавете нѐ од секоја мака и болест, бидејќи вие примивте од Бога и Спасителот наш Исус Христос непотрошлива благодат за исцелување, поради цврстата вера, бесплатното лечење и вашата маченичка смрт. Да, угодници Божји, не престанувајте да се молите за нас, кои со вера кон вас итаат: иако според мноштвото на нашите гревови и не сме достојни за вашето милосрдие, сепак, вие, верни и вистински подражатели на Божјото човекољубие, направете, да принесеме плодови достојни за покајание, и во вечниот покој да достигнеме, фалејќи и благословувајќи Прекрасниот во Своите светии Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и вашето топло застапништво, сега и секога, и во вечни векови. Амин.

Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме…

Continue Reading

Религија

Денес е Митровден: Какво ќе биде времето, таква ќе биде зимата

Published

on

Денес, на 8-ми ноември, православната црква и нејзините верници го прославуваат празникот посветен на Светиот великомаченик Димитрија, во народот познат како Митровден.

Митровден е еден од празниците за кои се врзуваат многу од обичаите. Еден од нив е „претскажувањето“ на времето – ако утре има дожд и мраз, се очекува долга и ладна зима со многу снег!

Постои верување дека на овој празник, како и на Божиќ, треба да бидете дома, освен ако не сте повикани на слава.

Митровден е празник кој секоја година е на ист датум, односно 8-ми ноември по нов и 26-ти октомври по стар каленадр и е обележан во црковниот календар со црвени букви.

Свети Димитрија е роден во Солун, во третиот век од нашата ера, за вереме на царот Максимилијан. Ја игнорирал царската наредба да ги прогонува христијаните и јавно го проповедал христијанството.

Continue Reading

Религија

Наближува голем празник – Во петок е Митровден

Published

on

Наближува голем празник за правсолавните христијани. 

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар)во петок неделаа се чествува споменот за Свети великомаченик Димитриј – Митровден.

Свети Димитриј се родил во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните.

Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, наврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден”.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар” среде Пирин. Таму имало „тројалиште” заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија”, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен”.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.”

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај”.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.

Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа”. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.

На иконите свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитриј.

За време на животот Димитриј бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата „Свети Димитриј” во Солун од крајот на В век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година. 

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк