Connect with us

Бизнис

Тему“ добива на популарност кај македонските купувачи, но има и слаби страни

Published

on

Десетици илјади пратки од кинескиот гигант за е-трговија „Тему“ се испорачуваат секојдневно до македонските граѓани. Директорот на приватната пошта „Еко логистик сервис“, Игор Гешовски, за Гласот на Америка на македонски вели дека очекува нарачките од оваа кинеска платформа во идниот период да се зголемуваат.

„Македонија традиционално е доста посветена на купување на пратки од Кина, тоа е од периодот од претходно кога беше присутен само „Али експрес“ на овие пазари. Веќе една година се дистрибуира во Србија, таму е бум, има повеќе нивоа на купувања на „Тему“, ние сме во почетната фаза, таа што е до 22 евра. И натаму ќе следи зголемување на обемот затоа што ќе расте и побарувачката на пазарот со разни видови на стоки, повредни стоки, дури ќе одат и во покуќнина и техника, тоа е тренд сегде, тие влегоа прво во западниот свет и направија огромни резултати, имаат систем кој едноставно им дава примамливост на купувачите“, вели Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“.

Гешовски смета дека Северна Македонија и регионот се „неквалификувано“ потрошувачко општество со високо ниво на бирократија која претставува кочница за трговска размена. Државата треба да учи лекции од Кина, вели тој. 

Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“
Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“

„Западот спие во моментов, бидејќи ние сме мало општество, мала економија, не само Македонија туку и регионот и тие веројатно поради тие бирократски бариери до сега не влегоа. Тоа умешно го искористија Кинезите и направија бум… Ние мора да ја научиме лекцијата од Кина, која станува супер сила во продажба на интернет и иднината веројатно е таму, ако ме прашате дали ќе се развива ова или ќе има стагнација“, додава Гешовски.

Ние мора да ја научиме лекцијата од Кина, која станува супер сила во продажба на интернет и иднината веројатно е таму

– Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“

Конкурентните цени, разновидниот асортиман на производи, но и интензивните маркетинг кампањи што „Тему“ го чинеше повеќе од 2 милијарди долари за рекламирање на Мета ѝ овозможија на оваа кинеска компанија значително навлегување на западните пазари. 

Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека онлајн нарачките ја намалуваат продажбата на домашните производители и продавачи. Потребно е прилагодување на новите начини на пазарање, вели Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија.

Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија
Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија

„Ваквите кинески онлајн платформи се доста популарни во целиот свет и Кина со Македонија има огромна размена и диспаритетот на извоз и увоз со Кина е огромен и е неповолен за Македонија. Тој однос е некаде 1 спрема 20. Ние увезуваме од Кина производи во вредност од над милијарда евра, а извозот е само педесетина милиони евра. Значи, односот е многу неповолен за нас и ние во трговската размена со Кина правиме голем дефицит. Меѓутоа, ние треба да се прилагодуваме на сите овие состојби затоа што интернетот, глобализацијата, овозможуваат поголема мобилност, плаќањата се олеснети, може едноставно да се плаќа на такви платформи, производите се доста евтини и се атрактивни за македонските купувачи“, изјави Симов.

Пазарањето онлајн носи и ризици, а од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предупредуваат дека граѓаните треба да бидат многу внимателни при пазарењето оти нарачуваат на сопствен ризик.

Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ)
Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ)

„Доколку имаат некој проблем тогаш тие си се обраќаат до самиот трговец бидејќи таму има некои форми, платформи каде што може да се приговара, да се вратат парите, да се замени производот, комуницираат директно со трговецот кој што, сепак, мора да кажеме не е регистриран во Македонија и доколку не успеете да се договорите со него – иако тврдат дека можат, дека ги заменуваат производите, им ги враќаат парите во одредени случаи – во тој случај повторно треба да се свесни потрошувачите дека и овие трговци не се регистрирани во Македонија туку се некаде надвор во странство и во тој случај не можат да бараат да си ги остварат своите права согласно Законот за потрошувачи или потрошувачките права кои би ги имале доколку купуваат од домашни компании“, вели Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).

За да ги заштити малите и средните бизниси во земјата од евтините производи што ги нуди „Тему“, Индонезија ја забрани оваа платформа. Ваквиот потег го следеше и Виетнам кој го суспендира работењето на овој кинески онлајн трговец откако „Тему“ не го исполни владиниот рок да ја регистрира компанијата до крајот на ноември.

Од македонската Царинска управа велат дека секоја стока што се купува преку интернет при влез на царинското подрачје во државата мора да ги следат и почитуваат царинските прописи. 

Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинска управа
Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинска управа

„Севкупната странска стока што влегува во нашето царинско подрачје подлежи на царинска контрола. Така што и оваа стока подлежи на царинска контрола со тоа што согласно нашите прописи стоката која што е со вредност до 22 евра во денарска противвредност е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ, стоката над 22 евра до 90 евра во денарска противвредност плаќа само ДДВ, додека стоката која што е со вредност над 90 евра подлежи на целосна царинска постапка со плаќање на сите увозни давачки“, рече Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинска управа. 

Платформата „Тему“ е основана во 2022 година во САД како подружница на ПДД Холдингс, чија што матична компанија Пиндуодуо е со седиште во Кина. Оваа платформа беше под лупа на САД откако во извештајот на Конгресот од минатата година компанијата беше обвинета дека не успеала да спречи да се продаваат стоки направени со принудна работа.

Извор: https://mk.voanews.com/a/temu-dobiva-na-popularnost-kaј-makedonskite-kupuvachi-no-ima-i-slabi-strani/7941030.html

Бизнис

Голема гужва во маркетите денес!

Published

on

За утре граѓаните најавија нов, втор бојкот на маркетите.

Но, вечерта пред најавениот бојкот на маркетите за утре, граѓаните масовно купуваат денес, создавајќи големи редици на касите.

Погледнете какви редици имаше вечерва во еден маркет од големите синџири маркети

Видеото може да го погледнете на 24инфо.мк

Continue Reading

Бизнис

Божиновска од Атина: Македонија не е повеќе пасивен набљудувач – инвестираме, поврзуваме и градиме независен енергетски систем кој ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион

Published

on

Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска, учествуваше на Енергетскиот самит во Атина, Грција, каде што беше говорник на панелот со наслов „Енергетската голема игра – Геополитика и глобалниот енергетски пазар“.

Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна дека енергијата не е само економски сектор, туку и стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Таа нагласи дека Македонија, како земја на крстопатот на Југоисточна Европа, се соочува со предизвици и можности во контекст на глобалните енергетски промени.

„Енергијата веќе не е само економски сектор – таа е стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Глобалните енергетски промени ни покажаа дека ниту една земја не може да си дозволи целосна зависност од надворешни извори. Лидерите на 21 век ќе бидат оние што ќе преземат одлучни чекори за диверзификација на енергетските извори, инвестиции во домашното производство и зајакнување на регионалната соработка. Македонија беше зависна од увоз на енергија, но денес ја менуваме таа приказна. Инвестираме во обновливи извори, градиме модерна енергетска инфраструктура и креираме законска рамка што го привлекува приватниот капитал. Нашата цел не е само стабилно снабдување со енергија – сакаме да бидеме енергетски независна држава и активен чинител на регионалниот пазар на енергија. “

Министерката ги презентираше напорите на земјата за постигнување енергетска независност преку инвестиции во обновливи извори на енергија, како што се соларните проекти „Битола 1“ и „Осломеј 2“ со капацитет од 30 MW, кои ќе произведуваат 46 GWh годишно, доволно за 7.000 домаќинства, со што ќе се намалат 40.000 тони CO₂ емисии годишно. Исто така, таа го спомена и развојот на ветерниот проект во Штип со капацитет од 400 MW.

Божиновска ја потенцираше важноста на регионалната соработка за енергетска безбедност, истакнувајќи ги проектите за интерконекција со Грција, со кои земјата не само што ќе заштеди 12 милиони евра годишно, туку и ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион. Таа исто така ги истакна законодавните реформи во енергетскиот сектор, вклучувајќи го новиот Закон за енергетика, усогласен со директивите на ЕУ, и Законот за обновливи извори на енергија, кој отвора можности за батериско складирање, децентрализирано производство на енергија и интеграција на паметни мрежи.

Министерката Божиновска ја заврши својата презентација со повик за заедничка работа и партнерство за изградба на енергетски безбедна Европа и одржлив свет.

Енергетскиот самит во Атина е водечка конференција во енергетската индустрија, 

Енергетскиот самит (Athens Energy Summit) се одржува по 14 пат, традиционално ги обединува  глобалните лидери за дискусија на критични прашања поврзани со енергијата и нејзината иднина.

Министерката Божиновска, на маргините на Самитот во Атина, оствари и билатерални средби со министерот за животна средина и енергија на Грција, Теодорос Скилакакис и министерот за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, Џорџ Папанастасиу.

Фокусот на разговорите беше важноста на меѓународната соработка за забрзување на енергетската транзиција, продлабочување на соработката во областа на обновливите извори на енергија, со акцент на примената на батериски системи, моделите за субвенции за домаќинства што инвестираат во фотоволтаици и размена на искуства во енергетската регулатива. 

Министерот Папанастасиу ја покани министерката Божиновска во официјална посета на Кипар, со цел продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор. Во знак на партнерство, министерката Божиновска возврати со покана, со цел продолжување на дијалогот и конкретизирање на идните заеднички проекти.

Министрите ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на партнерството во клучни енергетски проекти од регионално значење.

Continue Reading

Бизнис

Македонската берза забележа раст на индексот МБИ10 и зголемена активност кај инвеститорите

Published

on

Денешното тргување на Македонската берза на хартии од вредност се одвиваше во позитивен дух, со што индексот МБИ10 забележа значителен раст, додека активноста на инвеститорите се зголеми, што резултираше со висока вредност на тргување.

Индексот МБИ10, кој ги следи перформансите на најликвидните компании на берзата, се затвори на ниво од 10.390,35 поени, што претставува зголемување од 228,01 поен или 2,24% во споредба со претходниот ден. Овој раст е сигнал за зголемен интерес од страна на домашните и странските инвеститори, кои очигледно имаат доверба во стабилноста на финансиските пазари во земјата. Од друга страна, обврзничкиот индекс ОМБ остана непроменет, затворајќи се на 124,06 поени, што укажува на стабилност во обврзничкиот сектор и намален ризик кај инвеститорите кои бараат побезбедни инструменти.

Во текот на денот, неколку компании се издвојуваа по својот значителен обем на тргување и промени во цените на акциите. Комерцијална банка АД Скопје повторно беше во фокусот на инвеститорите, со просечна цена на акциите од 28.983,82 денари и раст од 3,40%. Акцијата на банката достигна последна цена од 29.950,00 денари, со вкупен промет од 14,7 милиони денари, што ја позиционира како една од најликвидните компании на пазарот.

Сличен тренд беше забележан и кај Алкалоид АД Скопје, чии акции достигнаа просечна цена од 27.910,74 денари, со раст од 2,33%. Ова ја потврдува довербата на инвеститорите во фармацевтскиот сектор, особено во контекст на глобалната важност на здравствениот сектор. Акциите на компанијата достигнаа последна цена од 28.897,00 денари, со вкупен промет од 11,5 милиони денари.

Макпетрол АД Скопје, една од водечките компании во енергетскиот сектор, забележа умерен раст од 0,54%, со просечна цена на акциите од 99.531,85 денари. Иако растот беше помал во споредба со другите компании, стабилноста на оваа акција и постојаната побарувачка ја позиционираат компанијата како сигурна инвестиција на долг рок.

Најзначајниот раст денес беше забележан кај ТТК Банка АД Скопје, која оствари импресивен пораст од 7,95%. Овој скок на цената укажува на зголемена доверба во банкарскиот сектор, особено кај помалите банки кои се обидуваат да го зголемат својот пазарен удел. Акциите на ТТК Банка се тргуваа по цена од 2.199,00 денари, со вкупен промет од 175.920 денари.

Од друга страна, акциите на Реплек АД Скопје забележаа пад од 1,73%, што може да се должи на корекција на цените или на специфични фактори поврзани со работењето на компанијата. И покрај овој пад, акциите на Реплек достигнаа последна цена од 16.000,00 денари, што покажува дека интересот кај инвеститорите останува релативно стабилен.

Вкупната вредност на тргување на берзата денес достигна 41.921.886 денари, што претставува значително зголемување во споредба со претходните денови. Овој податок укажува на зголемена ликвидност на пазарот и интерес за инвестиции во домашните компании. Позитивниот тренд и зголемената активност се добар показател за здравјето на финансискиот пазар во Македонија и можат да поттикнат дополнителни инвестиции во иднина.

Заклучок

Денешното тргување на Македонската берза беше обележано со позитивен тренд, раст на индексот МБИ10, и зголемена активност на инвеститорите. Најголем раст забележаа компании од банкарскиот и фармацевтскиот сектор, што укажува на доверба во овие индустрии. И покрај некои индивидуални падови на цените, вкупната слика на пазарот останува позитивна, што отвора можности за понатамошен раст и развој на берзанскиот пазар во Македонија.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк