Connect with us

Македонија

Отровно растение од Тексас дојде во Неготино: Ако го забележите, веднаш алармирајте ги еколозите од “Ековита”

Отровно растение кое потекнува од Америка и најчесто го има во Тексас, било забележано и во Неготино. Станува збор за Solanum elaeagnifolium, познато и како сребренолисна ноќница, кое доста бргу се ширело, а било отровно за добитокот и за луѓето.

Конзумирано во помали количини можело да предизвика дијареа и невролошки проблеми, а пак поголема количина можела да предизвика и смрт. Исто така, било погубно и за земјоделските култури и значајно влијаело врз намалување на приносот.

За растението кое било забележано во Неготино, во близина на регионалниот пат во индустриската зона, алармира здружението ,,Ековита”. Од таму појаснуваат дека се работи за растение со цветови кои цветаат од април до август, високо од десет сантиметри до еден метар, а стеблата му биле покриени со мали боцки.
Ова е прв случај сребренолисната ноќница да биде забележана во Тиквешијата, и освен во Неготино, отровното растение било регистрирано и кон влезот во Кавадарци. Во Европа од неодамна било регистрирано во Италија и Грција.

Околу тоа како дошло во Македонија, претпоставка е дека е пренесено преку калниците на камионите кои превезувале роба од Грција и кои минувале по патот во индустриската зона во Неготино.

-Пред пет години ме привлече убавината на еден цвет, со плавкаста боја, кој го сретнав во соседна Грција каде често одам на саеми. Но, кога дознав за какво растение се работи, сфатив дека работата е сериозна, бидејќи истото е огромна опасност и сериозно ги загрозува екосистемот и земјоделството.

Многу се изненадив кога кон крајот на летото истото растение, Solanum elaeagnifolium, сосема случајно го сретнав и во Неготино. Жена од градот го видела, се воодушевила од убавиот цвет, па го искорнала и го посадила дома без да знае за какво опасно растение се работи!
Го има покрај пат на улицата Индустриска во градот. Станува збор за жариште од околу десет метри квадратни, но сосема доволно да за направи огромни штети. Сега, во овој период од годината растението е суво, на него има мали плодови како патлиџани, кои на почеток се со темно зелена боја, а потоа поради мрзнење веќе се сосема отемнети.

Се вклучи сијалицата за опасност, и започнуваме со мапирање на областите каде го има. Откриено е и на влезот кон Кавадарци, а можеби го има и во други делови на земјата.

Опасноста од него е огромна, бидејќи е многу отровно, па кога се жнее, може случајно да заврши помеѓу сено или детелина и да предизвика смрт кај добитокот кој се храни, за ,,Фокус” појаснува дипломираниот инженер, биологот Сашко Тодоров од ,,Ековита”.

Тој додава дека веќе изработиле проект за справување со растението кој го презентирале пред претставници од Амбасадата на Шведска, од каде добиле финансиска поддршка, односно активноста ќе се реализирала преку регрант на Здружението Екосвест, финансиски подржан од Амбасадата на Шведска. Како координатор на проектот Екомисија била Кристина Тодорова, која е дипломиран агроном.

-Веќе сме во постојани консултации со херболог, значи првин одиме со мапирање на зафатените области, потоа растението ќе се отстранува, мора да се уништи сето семе. Хербологот ќе процени кои хербициди ќе бидат најефикасни за прскање.

Се работи за доста отпорно растение, кое бргу се шири, не му се потребни никакви посебни услови, прилагодливо е на секаква клима, и доколку навлезе во нива, претставува сериозна закана по културите, но и по животот на добитокот.

Апелирам до населението, не само во Неготино и Тиквешијата, туку низ цела Македонија, доколку го забележат, веднаш да се јават во здружението Ековита, за да можеме да ја мапираме областа и да пристапиме кон уништување на растението.

Сега нема цвет, но на пролет кога почнува да цвета уште полесно ќе биде забележливо, посебно поради убавината на цветот.

Околу тоа колку е опасно за пчелите, немаме точни информации, бидејќи тие не ги опрашуваат овие видови на растенија.

Би повторил, ако не реагираме на време, може да дојдеме до трајни еколошки и економски штети, појаснува биологот и додава дека по два месеца ќе има повеќе детали околу целиот процес.

Во меѓувреме, граѓаните кои ќе го забележат растението, би било пожелно да го фотографираат и да ги испратат фотографиите и детали за локацијата на страницата на здружението ,,Ековита”, со цел навремено да се реагира.

Advertisement

Македонија

Се што треба да знаете за „Safe City“

Казнувањето на сообраќајните прекршоци преку системот „Безбеден град“ официјално ќе започне на 1 февруари, наместо на првично најавениот датум 1 јануари. Одложувањето е потврдено за ТВ21 од помошник-заменик министерот во МВР, Мухамет Исмаили, кој објасни дека причина за пролонгирањето е потребата од дополнителни технички проверки и усогласување на правните процедури.

„Од 01.02.2026 системот SafeCity целосно ќе биде ставен во функција во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 10 и 8, додека во другите градови се предвидува да започне во текот на 2026 година“, изјави Исмаили.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат и можност за одредена толеранција кај ограничувањата на брзината. „Треба да ги почитуваме ограничувањата – 50 км/ч за урбани подрачја значи 50 км/ч. Секако дека и ние ќе внимаваме, исто како што прават и сите европски градови каде што имаат свои параметри за толеранција – таква толеранција ќе има и кај нас“, изјави Сашо Топаловски, началник на СВР Скопје.

Системот „Безбеден град“ ќе работи со фиксни камери кои ќе регистрираат пречекорување на брзината, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и други прекршоци. Дополнително, специјализирани полициски возила ќе идентификуваат неправилно паркирање и останати нарушувања на сообраќајните правила.

Целта на новиот систем е до 2030 година да се преполови бројот на сообраќајни несреќи во државата.

Continue Reading

Македонија

Витаминка со Стоби Флипс и купувачите донираат 1.000.000 денари за СОС Детско село

Кампањата „Заедно за топол дом, љубов и грижа за секое дете“ што Витаминка ја реализираше преку Стоби Флипс, успешно заврши и резултираше со донација од 1.000.000 денари за СОС Детско село. Средствата ќе бидат искористени за Советувалиште за психолошка поддршка и специјална едукација со рехабилитација на СОС Детско село. Благодарение на поддршката од граѓаните за акцијата со која од секој купен Стоби Флипс се издвојуваше дел, со собраните средства ќе се овозможи континуирана експертска едукација за шеесет деца и млади на возраст од 6 до 18 години кои растат без родителска грижа и се соочуваат со последици од трауматски искуства, емоционални и развојни предизвици, како и различни когнитивни потешкотии.

Средствата ќе бидат насочени кон проектот „Менталното здравје пред сè“, преку кој децата ќе добијат индивидуални сесии со психолози и специјални едукатори, како и терапевтски третмани во сензорна соба за оние кои имаат потреба од дополнителна поддршка во емоционалниот и когнитивниот развој. Овие услуги се од суштинско значење за нивното зајакнување, подобро справување со кризи и градење основа за здрав личен раст.

Од СОС Детско село Македонија истакнуваат дека поддршката е од огромно значење за континуитетот на нивната мисија. „Од срце им благодариме на Витаминка и на сите граѓани кои ја поддржаа кампањата. Витаминка уште еднаш покажа што значи вистинска општествена одговорност и посветеност кон децата. Благодарение на ова партнерство, можеме непречено да продолжиме да обезбедуваме стручна грижа и поддршка за секое дете, со верба во нивната подобра иднина,“ велат од организацијата.

За што поуспешно спроведување на кампањата за Стоби Флипс беше изработена и специјална амбалажа со што купувачите беа информирани за своето учество во донацијата и придонесе за подигнување на јавната свест и обезбедување поголема поддршка за децата без родителска грижа.

Од Витаминка додаваат дека се горди што кампањата успеала да ја мобилизира јавноста и да создаде реална промена. „Нашата цел беше да потсетиме дека секој мал гест на солидарност може да донесе голема разлика. Благодарни сме што потрошувачите ја препознаа важноста на оваа приказна и ни помогнаа заедно да донесеме надеж, грижа и поддршка таму каде што е најпотребно“, истакна Симона Симоновска, одговорна за маркетинг во Витаминка.

Со оваа кампања, Витаминка и Стоби Флипс уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон најмладите и даваат силен пример за тоа како компаниите, заедно со граѓаните, можат да создадат поподобно, похумано и посреќно општество за секое дете.

Continue Reading

Македонија

Рекордна година за Скопје – аеродромот со 3 милиони патници, растот продолжува до 3,2 милиони

Меѓународниот аеродром Скопје денес го дочека својот тримилионити патник во една календарска година. Среќничката, Милена Таскова, беше изненадена на нејзиниот лет Скопје – Бари.

Раководството на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, приредија емотивно изненадување за госпоѓа Таскова.

Милена Таскова беше облеана во подароци: бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании на ТАВ и два бесплатни авионски билета од авиокомпанијата Виз Ер (Wizz Air).

Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, не ја криеше својата возбуда:

„Го достигнавме тримилионитиот патник во една година! Првпат лета за Бари, и посакав среќа на неа и нејзиното семејство.“

Курт најави дека ова е само почеток. Според оптимистичките прогнози на ТАВ, Скопскиот аеродром до крајот на годината ќе заврши со 3,2 милиони патници, додека аеродромот во Охрид се очекува да достигне 262.000 патници.

Овој успех не само што го потврдува растот на авиосообраќајот во земјата, туку и ја зацврстува позицијата на Скопје како значаен регионален воздушен центар.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг