Македонија
Нема повеќе чекање на шалтери, документите извадени електронски се со полна важност
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги од неодамна е овозможено секој електронски документ кој е изработен од државен орган, да може да се користи во неговата печатена форма, исто како и оригинален документ, а на граѓаните да не им се бара во хартиена форма, што беше пракса во минатото, со што плаќаа двапати. Сепак во пракса граѓаните се уште се соочуваат со неприфаќање на електронските документи од дел од институциите.
Од Министерството за дигитална трансформација (МДТ) за МИА велат дека е изработено Упатство со цел правилна примена на законот, а доколку граѓаните наидат на неприфаќање на нивниот испечатен електронски документ од некоја институција треба да се повикаат на законот кој ги обврзува институциите да го прифатат документот бидејќи е еднакво валиден како и оригиналниот.
– Сѐ уште немаме направено детални анализи, бидејќи измените на законот се случија изминатиот месец, но искористеноста на услугите на националниот портал за услуги, uslugi.gov.mk е во постојан раст, судејќи според позитивните реакции од страна на граѓаните и бизнисот можеме да кажеме дека тие се задоволни од ваквата можност. Што се однесува до институциите, неодамна министерот Андоновски изјави дека очекуваме можеби отпор или незнаење од страна на институциите и затоа изработивме упатство каде што се цитира членот од законот со кој што се дава правна основа на испечатен електронски документ да биде признат како валиден. Доколку граѓаните наидат на неприфаќање на нивниот документ од страна на некоја институција апелираме да се повикаат на законот кој ги обврзува институциите да го прифатат документот бидејќи е еднакво валиден како и оригиналниот, велат од Министерството за дигитална трансформација (МДТ).
Комуникологот Бојан Кордалов, пак, за МИА вели дека е долг процесот на прифаќање на ваквата услуга, бидејќи, како што посочува, кај нас се уште постои страв од користење на дигитални услуги, но и отпор дека доколку се осовремениме би се изгубиле работни места.
– Долг е процесот бидејќи кај нас се уште постои страв од користење на дигитални услуги, но и отпор дека доколку се осовремениме би се изгубиле работни места, притоа заборавајќи дека не само што дигитализацијата отвора нови работни места, туку и дека тоа се високо платени работни позиции. Истовремено, во секој процес на дигитална трансформација важно е да се предвиди дека за нејзина успешност неопходно да се осигураме дека секој човек има пристап до електронски уреди, поседува квалитетен интернет, како и дека ја има совладано основата на дигиталната писменост. Токму затоа советувам да не се укинува и можноста за традиционално или хартиено вадење на документи на шалтер со цел ниеден наш сограѓанин да не остане без можност за добивање на услуга која институциите ја нудат, изјави Кордалов за МИА.
Според него, клучно за да имаат реална примена електронските документи е јасно промовирање на придобивките, можност за тест период во кој електронските услуги би се добивале со намалени цени или бесплатно, како и постојано информирање за растот на корисници на услугите и нивни изјави зошто се одлучиле да го променат хартиеното со дигитално вадење на документи.
Нов сектор во МДТ за надзор на институциите, ќе го контролира евентуалното неприфаќање на електронските документи
Од МДТ најавуваат дека кон втората половина на годинава е планирано да се формира сектор во рамки на Министерството каде што ќе има линценцирани инспектори кои ќе вршат надзор врз институциите за примената и почитувањето на законите од Министерството за дигитална трансформација и соодветно на тоа и евентуалното неприфаќање на електронските документи како валидни.
За националната ИКТ стратегија што е во подготовка и со која меѓу останатото треба да се модернизираат јавните услуги, Комуникологот Кордалов смета дека се реално големи шансите редиците на шалтерите за услуги од институциите и грешките во документите да станат минато.
– Ако го почнеме и целосно се посветиме на ваквиот процес мора да бидеме свесни дека ќе треба да се вложува вистински и многу повеќе во сајбер безбедноста, како и дека за вакви успешни реформи е неопходно вклучување на целокупниот ИКТ сектор во земјава. Тоа на почеток ќе чини многу, меѓутоа многу брзо и долгорочно неколкукратно ќе се исплати тој влог, посочува Кордалов за МИА.
Ова е искуство, како што нагласува, на сите развиени западни земји кои пред нас го изодуваат ваквиот процес.
– Истовремено, државата мора да размислува да ја подобри достапноста до квалитетен интернет и електронски уреди до секој човек, како и да работи на максимално подигнување на дигиталната безбедност и свест со цел да се успее и постојано зголемува бројот на интернет корисници на услугите, односно да станат минато редиците и гужвите на шалтерите. И уште една работа која многу често забораваме да ја нагласиме во овој контекст, а тоа се поштенските услуги и патната инфраструктура. Тешко ќе оди процесот на дигитална трансформација на шалтерските услуги со вакво ниво на поштенски услуги кои во огромен дел, освен на недостатокот на човечки фактор, се базираат и на актуелната неалтернативна сообраќајна инфраструктура низ целата земја, вели Кордалов.
Медиумите се највлијателните извори за информирање и доверба кај граѓаните
За Националниот портал за е-услуги, кој во неколку наврати беше ажуриран и надградуван, но и покрај тоа граѓаните не ги користат доволно можностите што ги нуди, комуникологот Кордалов смета дека е потребно промовирање на можностите и придобивките што се нудат.
– Недоволно е правењето на новини ако вашиот единствен канал за нивно промовирање ви се социјалните мрежи, односно корисничките сметки на јавните институции и функционери. Статистиката и сите релевантни истражувања јасно укажуваат дека токму медиумите се највлијателните извори за информирање и доверба кај граѓаните и оттука сметам дека надлежните е потребно многу повеќе фокус да стават во соработката со новинарите и медиумите во оваа сфера доколку сакаме да постигнеме повидливи и побрзи резултати, потенцира Кордалов за МИА.
Согласно член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3/25), со кој се изменува и дополнува член 10 со ставови (2) и (3), подготвено е Упатство за користење на електронски документи, со цел правилна примена на законот и обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.
Националниот портал за е-услуги неколку пати досега ажуриран и надградуван
На Националниот портал за е-услуги достапни се вкупно 306 електронски услуги од кои за 167 може директно да се аплицира на порталот, а за останатите 139 на надворешен систем исто така користејќи го Националниот портал. Досега на Националниот портал за е-услуги регистрирани се вкупно 151.943 корисници.
– Со редизајнирањето на порталот придобивките се: зголемен број на регистрирани корисници на порталот, целосно ново корисничко искуство со јасна поделба на услугите за граѓани и бизниси, поголема пристапност за лицата со попреченост, поинтуитевен пристап до услугите преку надграден пребарувач, кој што овозможува услугите да бидат достапни со еден клик, можност за оценување на услугите од страна на корисниците, посебен дел за новости и најупотребувани услуги, велат од МДТ за МИА.
Нагласуваат дека некои од досега најкористени услуги се услугата за аплицирање на дозвола за оружје, уверение за државјанство, потврда за стаж, изводот од матична книга на родени.
– Во 2025 година работиме на тоа да дигитализираме уште 100 нови услуги во текот на оваа година кој што ќе им заштедат време и олеснат пристап на граѓаните до потребните документи, посочуваат од МДТ за МИА.
Македонија
Над 3 милиони ноќевања годинава – континуиран раст на бројот на странски туристи во земјава
Туристичкиот сектор бележи позитивен тренд, покажуваат најновите податоци за годинава, според кои се остварени повеќе од 3 милиони ноќевања, со забележлив пораст на бројот на странски туристи во земјава.
Според официјалната статистика, зголемувањето на ноќевањата е резултат на поголемиот прилив на гости од странство, што укажува на зајакнат интерес за Македонија како туристичка дестинација. Позитивниот тренд се должи на подобрената туристичка понуда, зголемената авионска поврзаност и засилената промоција на земјата на меѓународните пазари.
Најголем дел од странските туристи доаѓаат од европските земји, а посебен раст е забележан во градскиот, културниот и езерскиот туризам. Надлежните институции оценуваат дека ваквите резултати се охрабрувачки и претставуваат добра основа за понатамошен развој на туризмот.
Се очекува позитивниот тренд да продолжи и во наредниот период, со дополнителни активности за подобрување на туристичката инфраструктура и зголемување на квалитетот на услугите, со цел земјата да се позиционира како атрактивна и конкурентна туристичка дестинација во регионот.
Македонија
Екс-правобранителот Фехми Стафа приведен за мито – барал 100.000 евра, фатен со 50.000
Поранешен државен правобранител е уапсен поради сомнежи за примање мито, откако бил фатен со дел од побараната сума во негово поседување, соопштија надлежните истражни органи.
Според објавените информации, правобранителот се сомничи дека побарал мито од 100.000 евра во замена за поволно уредување на службени активности. При акцијата на полицијата, тој бил фатен додека држел 50.000 евра, што претставува дел од побараните средства.
Надлежните органи потврдуваат дека случајот е во фаза на истрага, а против екс-правобранителот ќе биде подготвена соодветна кривична пријава. При приведувањето биле обезбедени и други материјални докази што ќе бидат дел од доказната постапка.
Од истрагата информираат дека овој случај еден од повеќето што ги третираат злоупотребите на службената положба и корупцијата во јавните институции, со цел да се испрати јасна порака дека недозволиви практики нема да бидат толерирани.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а во наредните денови обвинителството ќе се изјасни за понатамошните мерки и евентуални притворски предлози.
Македонија
И следната недела со невообичаено високи температури за овој период
Невообичаено топлото време ќе продолжи и во текот на следната недела, најавуваат метеоролозите. Според прогнозите, температурите ќе останат значително над просекот за овој период од годината, со стабилни временски услови и без поголеми заладувања.
Во поголем дел од земјата се очекува претежно сончево време со умерена облачност, а дневните температури ќе се движат од двоцифрени вредности, што е нетипично за средината на зимската сезона. Утринските часови ќе бидат посвежи, но без појава на екстремно ниски температури.
Метеоролозите посочуваат дека ваквите временски услови се резултат на стабилна воздушна маса и отсуство на студени фронтови од север. Засега нема најави за значителни врнежи од снег или дожд, ниту за нагло влошување на времето.
Иако ваквото време е поволно за секојдневните активности, експертите предупредуваат дека долготрајните повисоки температури во зимскиот период можат да имаат влијание врз природата и земјоделството, особено врз вегетацијата.
Подетални и редовно ажурирани информации за временската состојба граѓаните можат да следат преку официјалните метеоролошки служби.
Трендинг
-
Црна Хроника1 day agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника1 day agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Македонија3 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника4 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника1 day agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Црна Хроника2 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника5 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Република4 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула















