Економија
Димитриеска – Кочоска: Економијата во Македонија повеќе не е во стагнација
Веќе почнуваат да се гледаат и видливи се резултатите од нашата работа. Економијата во Македонија повеќе не е во стагнација, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, осврнувајќи се на податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика за невработеноста, индустриското производство и извозот.
– Државниот завод за статистика објави податоци за стапката на невработеност во земјава за четвртиот квартал од 2024 година и која евидентира намалување на ниво од 11,9 отсто што е историски најниско ниво, забележувајќи пад од 0,4 процентни поени во однос на претходниот квартал и 0,7 процентни поени намалување во однос на 2023 година. Истовремено расте вработеноста и изнесува 46,2 отсто. Позитивни резултати забележани по подолг временски период има и кај индустриското производство кое за јануари 2025 забележа раст од 1,4 отсто, рече Димитриеска – Кочоска на прес-конференција во Владата.
Таа информира дека тоа се податоци дека се реализирани над 13 067 нови вработувања во четвртиот квартал лани во однос на истиот квартал од 2023 година, што е економска поткрепа за нововработените лица и еден показател дека во компаниите се создал раст кој поттикнал отворање нови работни места, а тоа во четвртиот квартал од 2024 година се регистрираше и преку остварениот раст на БДП од 3,2 отсто.
– Државниот завод за статистика забележа и податок кој покажува позитивни резулати и кај извозот. Во јануари 2025 година вкупниот извоз бележи пораст од 5.0 отсто во однос на истиот период од претходната година. Затекнавме економија која беше во стагнација и тоа бараше од нас итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да се опоравува и да се фокусираме на политики коишто ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки од 5 отсто на раст, рече министерката за финансии.
Клучно е, како што дополни, дека за овој процес да се покрене, а имајќи ги предвид достигнувањата на економијата во првите два квартала од 2024 година, е создавањето предуслови за сигурно бизнис опкружување кое влијае на реализација на инвестиции, отворање нови работни места и повисок стандард. Дополнително ова е клучно и за привлекување и реализација на странски директни инвестиции за кои минатата недела објавивме дека во 2024 година е реализиран историски највисок износ од над 1 милијарда евра.
Таа посочи дека иако станува збор за краток период од имплементација на нашите политики, сепак податоците се охрабрувачки за нас и, како што рече, да продолжиме со спроведување на поставениот план.
– Владата става фокус особено на економијата и инвестициите и на нив го темели вистинскиот напредок. Економијата и компаниите, како и вработените секогаш ќе имаат партнер во Владата. Обезбедивме и веќе почна исплатата на средствата од унгарскиот заем наменет за домашните компании, тоа ќе покрене инвестиции од околу 300 милиони евра, кои ќе отворат нови дополнителни работни места наменети за нашите граѓани, за нашата младина кои ќе можат да ја бараат иднината тука во својата земја, рече Димитриеска – Кочоска.
Таа потенцира дека дополнително и што е многу значајно, а за што Владата, создаде предуслови е намалување на трошоците на компаниите за внатрешната трговија со поголем дел од земјите во ЕУ, кои се дел од Единствената област за плаќања во евра СЕПА, каде Македонија се приклучи како 39-та членка.
– Нашите граѓани кои работат во странство во некоја од СЕПА земјите и кои праќаат пари во Македонија, провизиите при праќањето двојно ќе се намалат од околу 7 отсто на околу 3 отсто. Тоа претставува сериозна заштеда ако се има предвид дека стотици милиони евра се праќаат секоја година. Заштедите на компаниите би биле и поголеми, не само во износи туку и во време. Така, плаќањата помеѓу компанија од Македонија и компанија од земја од СЕПА би биле за само еден ден, а во одредени случаи и за само неколку минути. Со ова ќе се олесни водењето на бизнис и конкурентноста на македонските компании, рече Димитриеска – Кочоска.
Министерството за финансии во насока на приклучување на земјата во СЕПА областа во изминатиот период работеше на усогласување со ЕУ регулативите и направи измени на повеќе закони, односно Законот за платежни услуги и платни системи и Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам коишто беа услов за нашето приклучување во СЕПА.
– Очекувам ваквите тенденции да продолжат и во наредниот период и да ја оствариме стапката на раст за оваа година која е проектирана на 3,7 отсто. При тоа ги имаме предвид сите предизвици кои стојат пред нас и на домашен план и сите ризици кои произлегуваат од надворешните случувања и нивното влијание врз нашата економија. Концептот е поставен и ќе ги вложиме сите напори за да ги поддржиме и компаниите и стандардот на граѓаните, порача министерката за финансии.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Гевгелија, [13.12.2025 година] – Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.

Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.

Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.

Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.

„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
Економија
Вкупен неделен промет од 46,9 милиони денари, без позначајни активности на обврзничкиот пазар
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
Во периодот од 8 до 12 декември 2025 година, на Македонската берза беа реализирани 237 трансакции со вкупен промет од 46,93 милиони денари, при што беа тргувани 31.442 хартии од вредност. Индексот МБИ10 неделата ја заврши со пад од 0,32%, на ниво од 10.190,89 поени, додека индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени, без значителни промени во вредноста.
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 16.550.265 денари
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 10.351.316 денари
● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 7.472.583 денари
Во текот на неделата беа реализирани четири блок-зделки, со вкупна вредност од 67,47 милиони денари, меѓу кои:
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 58.425.000 денари
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 5.750.350 денари
● Институт за заварување Југ Скопје – 7.287.750 денари (две блок-зделки)
● Реплек АД Скопје (RPK) +1,25%
● Гранит АД Скопје (GRN) +0,61%
● Алкалоид АД Скопје (ALK) +0,39%
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –1,96%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –3,00%
● Македонски Телеком АД Скопје (TEL) –0,87%
Во текот на неделата беа реализирани седум трансакции со државни обврзници за денационализација, во вкупен износ од 1.230.775 денари, меѓу кои:
● Р. Македонија – денационализација 21 – 479.586 денари
● Р. Македонија – денационализација 22 – 638.351 денари
● Р. Македонија – денационализација 23 – 112.838 денари
Неделата од 8 до 12 декември 2025 година се карактеризираше со намалена пазарна активност и пад на индексот МБИ10 за 0,32%.Најликвидни беа Комерцијална банка, Макпетрол и Алкалоид, кои доминираа со над 70% од вкупниот промет. Позитивно движење бележат Реплек и Гранит, додека Комерцијална банка и Стопанска банка имаа негативно влијание врз индексот. Обврзничкиот пазар остана со ограничен обем на тргување, без позначајни ценовни промени.
Економија
Божиновска од Белград: Гасниот интерконектор со Србија е клучен за енергетската стабилност на регионот
Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас во Министерството и раководните лица од Номагас, МЕМО и МЕПСО, престојуваше во Белград по покана на српската министерка за рударство и енергетика.
Дел од делегацијата беа и директорот на Номагас, г-дин Недим Рама, заменик директорот на МЕПСО, г-дин Александар Пауновски, директорот на МЕМО, г-дин Зоран Ѓеорѓиевски и раководителот на Секторот за нафта и гас при МЕРМС, г-дин Горан Николовски. Главниот фокус на посетата беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија – проект од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.
На работната средба беа разгледани клучните технички, финансиски и институционални чекори потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот. Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од околу 67 километри (23 km на територијата на Северна Македонија и 44 km во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји – на македонска страна со приклучување кај Клечовце, а во Србија со националната гасоводна мрежа во близина на Врање.
За финансирањето на интерконекторот има интерес и од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи претставува дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас.
Министерката Сања Божиновска истакна дека проектот напредува согласно утврдена и усогласена динамика меѓу двете работни групи .
„Интерконекторот со Србија е клучниот проект што ќе ја отвори нашата земја кон нови извори на гас и ќе ја засили регионалната енергетска стабилност. Но ова е и една од најважните инфраструктурни врски за целиот регион – значајна не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Имаме завршени студии, усогласена рута и координирана акција која веќе се спроведува. Нашата цел е интерконекторот да стане реалност во најскоро време, затоа што секој ден е важен за сигурноста на граѓаните и економијата.“ истакна Божиновска.
Од своја страна, српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ, ја нагласи важноста на заедничката регионална визија:
„Гасниот интерконектор со Северна Македонија е проект што има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визија за регион кој е енергетски поврзан, стабилен и усогласен со европските цели. Соработката со министерката Божиновска и македонскиот тим е интензивна и конструктивна. Со поддршка од ‘Транспорт гас Србија’ и ‘Номагас’ ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Се согласивме на интензивни редовни средби, со цел интерконекторот да стане реалност во најскоро време.“
Очекуваната динамика и следните чекори
Двете делегации ја потврдија целосната посветеност за интензивна координација и навремено исполнување на сите обврски. Согласно усогласената динамика:
- Изградбата на интерконекторот се очекува да биде завршена во текот на 2027 година.
- Во 2028 година низ новиот гасовод се очекува да протече и првиот гас.
- Интерконекторот е предвиден и да биде технички подготвен за идниот транспорт на водород, усогласено со долгогодишните европски енергетски цели и зелените политики.
На крајот од средбата, беше потврдена заедничката определба за силна институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија да стане функционална, модерна и безбедна енергетска врска која ќе обезбеди поголема сигурност, диверзификација и регионална интеграција, во интерес на граѓаните, економијата и целиот регион.
Трендинг
-
Македонија2 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника2 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника23 hours agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника4 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Црна Хроника7 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан6 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република3 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула
-
Црна Хроника2 days agoИнцидент на лет кон Скопје: Пијани навивачи тероризирале патници















